Машиновозачите наспроти МЖ Транспорт- првите си го бараат своето, вторите велат немале право

Возовите денеска не сообраќаат. Железничката станица во Скопје е празна. Ова е како резултат на штрајкот на машиновозачите, кои утринава најавија дека нема да возат се додека не им биде исполнето нивното барање за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет. Тоа, како што објаснува за Слободен печат претставникот на вработените, Душко Чакаровски, го бараат врз основа на Колективниот договор за дополнителна работа и работење со намален број на извршен персонал.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Надомест на плата за квалитет во износ од 40 проценти на машинскиот персонал му бил исплаќан до пред антикризните мерки во 2008 година.

– Со антикризните мерки ни го намалија надоместокотн за квалитет на 20 проценти. Но, некој од директорите си земал за право да наградува одредена категорија на работници, а не знам по кој критериум. Кога разбравме ние, си побаравме и нас квалитетот да ни биде качен,нодносно да ни биде вратен какошто бил порано.Согласно колективниот договор имаме издржано барање за да биде 40 проценти. Во договорот пишува поради намален број на извршители, доколку работниот циклус се одвива без проблеми, ќе добиеме надомест од 10 проценти. Тоа ние не го добиваме, иако работиме со половина број на машиновозачи. Треба да има 140 а ние сме 72. Има и уште еден член кој вика доколку бидеме повика од дома на слободен ден, ќе добиеме надомест. Ни тоа не ни го даваат, објаснува Чакаровски.

Душко Чакаровски

Чакаровски потенцира дека зад организацијата на бојкотот на работата не стои ниту една синдикална организација, односно дека се вклучени 99 проценти од машинскиот персонал од различни синдикати, но и работници кои не членуваат во синдикатите.

Тој вели дека од утринава до сега никој не искомуницирал со нив, и не знае до кога ќе продолжи штрајкот.

Од друга страна, ЖРСМ Транспорт АД-Скопје вели дека прекинот на железничкиот сообраќај што стартуваше изутрина е незаконски.

„Претседателот на Независниот синдикат на машинскиот персонал Душко Чакаровски, без да достави соодветна документација, се претставува како претставник на целокупниот машински и извршен персонал во претпријатието и незаконски поттикнал и предизвикал прекин на железничкиот товарен и патнички сообраќај“, стои во соопштението.

Раководството на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, според соопштението, во изминатиот период одржало повеќе состаноци со синдикатот на кои било укажано дека побарувањата од машинскиот и извршен персонал за зголемување од 30 на 40 проценти на надоместот на плата за квалитет, се надвор од финансиските можности на Друштвото.

Железничкото претпријатие  го соопштува износот на исплатените плати во просек за машиновозачите, односно во октомври вкупната нето плата со исплатен трошок за километар изнесувала 44.995, во ноември 44.070, а во декември 47.665 денари. – Ова е просек за сите машиновозачи во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје и тој е далеку над просекот на плата што се исплаќа во државата, напоменуваат од Железници Транспорт и додаваат дека наспроти тоа платата на дипломиран инжинер во Железници Транспорт кој не е на раководна функција изнесува 26.000 до 27.000 денари.

– Во Колективниот договор на ЖРСМ Транспорт АД-Скопје т.е. од одредбите од член 207 до член 214, кои се однесуваат на правната категорија – штрајк во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, како и наша Тековна состојба од ЦРСМ од која може да видите дека Друштвото е основано од Владата на Република Северна Македонија и дека врши дејност од посебен општествен интерес, а тоа е меѓународен и внатрешен транспорт на стоки и патници со железнички превозни средства, наведуваат од железничкото претпријатие и дополнуваат дека платата за декември за сите вработени во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје е покачена за пет проценти. 

Останатите синдикати во ЖРСМ Транспорт АД-Скопје, стои во соопштението, не го подржуваат штрајкот предводен од машиновозачот Чакаровски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот