Машините може да заменат 300 милиони работници, но и да ги кренат продуктивноста и квалитетот на живот

Роботи вештачка интелегенција/ Фото: JIRAROJ PRADITCHAROENKUL / Alamy / Alamy / Profimedia

Вештачката интелигенција би можелa да замени една четвртина од работната сила во Европа и во САД, но и да ја зголеми за 7 отсто вредноста на производите и услугите на глобално ниво. Тоа би значело создавање поголема вредност со многу помалку работни часови, но и можност за отворање нови работни места

Глобалната револуција на вештачката интелигенција има потенцијал да замени 300 милиони луѓе со постојано работно време, што не значи и дека сите тие луѓе ќе бидат истиснати од работните места и ќе биде создадена глобална армија невработени, се наведува во извештај на инвестициската банка „Голдман Сакс“.

Паметните машини, според проекциите, би можеле да заменат една четвртина од работната сила во Европа и во САД, но и да ја зголемат за 7 отсто вредноста на производите и услугите на глобално ниво. Тоа би значело создавање поголема вредност со многу помалку работни часови, но и можност за отворање нови работни места.

– Генеративната вештачка интелигенција, способна да создава содржини еквивалентни на оние што се создаваат од човековиот труд, е голем напредок – се наведува во извештајот на влијателната инвестициска банка.

Потенцијалот на ВИ варира од еден до друг производствен сектор. Во извештајот е истакнато дека со машини и алгоритми може да се автоматизираат 46 отсто од работните задачи во административниот сектор и 44 отсто во правниот, но само 6 отсто во градежништвото и 4 отсто во одржувањето.

Владите низ светот, особено во индустриски најразвиените земји, настојуваат што е можно побрзо да ја вклучат вештачката интелигенција во производствениот систем, но и да ја смират јавноста дека нема масовно да бидат отпуштани работници. Најголемата главоболка за властите е да создадат регулативи за да спречат „диво“ користење на АИ и да го ограничат ефектот од нејзиниот развој врз општеството.

– Вештачката интелигенција конечно ќе ја засили продуктивноста во економијата. Сакаме да обезбедиме вештачката интелигенција да го надополни начинот на кој работиме во Обединетото Кралство, не да го наруши, со што работните позиции нема да бидат исфрлени, туку ќе бидат надградени – изјави британската секретарка за технологија Мишел Донелан.

Луѓе од многу професии стравуваат дека на нивните работни места ќе бидат поставени машини. Дури и уметниците се жалат дека алгоритмите за генерирање слики и снимки „ќе им го земат лебот“.

– Во едно сум сигурен, а тоа е дека нема начин да се процени колку работни места ќе бидат пополнети од генеративна вештачка интелигенција – вели Карл Бенедикт Фреј од универзитетот Оксфорд.

Тој укажува дека алгоритмот со вештачка интелигенција Четџипити, на пример, им овозможува на луѓе со скромни способности да создаваат есеи и статии.

– Новинарите се соочуваат со конкуренција, која ќе им ги спушти платите, освен ако не се јави сериозна потреба за повеќе такви производи. Таков беше случајот со воведувањето на технологијата за сателитска навигација во автомобилите и создавањето на платформите како „Убер“. Речиси преку ноќ познавањето на сите улици во Лондон повеќе не беше професионална вредност. Бранот нови возачи им ги намали платите на искусните за најмалку 10 отсто. Во следните неколку години вештачката интелигенција веројатно ќе предизвика слични ефекти во поширок спектар креативни дејности – објаснува Фреј.

Тој заклучува дека во случајот на ГПС и „Убер“, технологијата не ги исфрли возачите ниту го намали нивниот број туку ги спушти платите. Оние што инвестирале во новите технологии, пак, добиле поголемо производство со помалку трошоци.

Во извештајот на „Голдман Сакс“ се потсетува на заклучоци од друга студија дека 60 отсто од работната сила денес е на работни места што не постоеле во 1940 година. Друга студија покажува дека по технолошкиот бум во осумдесеттите години од минатиот век новите работни места биле создавани побавно отколку што биле отпуштани работниците.

– Ако генеративната вештачка интелигција се однесува како досегашните информатичко-технолошки напредувања, таа во блиска иднина може да предизвика повисока невработеност. Долгорочните ефекти од ВИ се крајно неизвесни, па сите процени треба да ги примите со голема доза резервираност – вели аналитичарот Торстен Бел.

Тој додава дека сѐ ќе зависи и од развојот на технологијата, но и од начинот и брзината на нејзиното интегрирање во производствениот процес.

– Не можеме да кажеме дека вештачката интелигенција нема да го промени начинот на кој работиме. Но, треба да се фокусираме на потенцијалот за подобрување на животниот стандард како последица на зголеменото производство и поевтините сервиси и услуги, како и на ризикот од заостанување, ако други фирми и економии побрзо и подобро се прилагодат на технолошката револуција – вели Бел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот