Марија Марјановиќ, писателка во најава: Ми изгледа дека децата сметаат дека не е „кул“ да се чита

Запомнете го добро ова име. Таа се вика Марија Марјановиќ и оди во основното училиште „Браќа Миладиновци“ с. Царев двор, општина Ресен. И пишува книги. Многу убави книги, илустрирани со цртежи кои секако, сама ги црта. А пишува и поезија. Многу убава, и за нејзина возраст, зрела поезија.

Литературната приказна на Марија започнала уште кога имала три години. Тогаш инспирација ѝ биле цртаните филмови и стриповите. А бидејќи не знаела да чита, самата си смислувала што си зборуваат ликовите. Така почнала сама да си смислува приказни кои ги раскажувала преку цртежи. Кога тргнала в училиште, особено ја развила нејзината љубов кон книгите, а исто така и почнала да пишува поезија, најмногу песнички според училишната програма. На крајот, имала прочитано толку многу книги, што си изградила свој бунар на идеи од кој секој ден извирале по неколку идеи. Многу од нив сѐ уште стојат, почнати и недовршени, го чекаат својот ред.

Освен што пишуваш, твоите приказни ги илустрираш и со цртежи. Кому се обраќаш преку својата литература?

– Моите први приказни беа раскажувани преку цртежи, па и сега тие се неизоставен дел од моите приказни. Некогаш, некоја случајна слика или илустрација е мојот нов извор на инспирација. Во прозата обично се обраќам на три начина: кон мојот читател; како да раскажувам нешто на повеќе луѓе; или како да запишувам нешто што ми се случило мене, слично на дневник. Ако пишувам роман, најчесто се обраќам кон читателот, а во расказите зборувам како да раскажувам нешто на група луѓе. Но, што и да пишувам, мислам дека сакам да допрам до децата кои се на моја возраст и на возраст на главните ликови за коишто пишувам.

Од мала располагаш со богата авторска дарба, од поезија до проза. Што најмногу те инспирира за поезија, а што за проза?

– Најголема инспирација ми беа цртаните филмови, приказните, книгите, стриповите… Почнав да мислам како тие луѓе можеле така да создаваат и од каде им дошле толку идеи, секогаш различни. Посакував, и наскоро потоа бев решена, и јас да напишам нешто со што ќе се гордеам. Отпрвин само така си замислував. Но, кога научив да читам, прочитав толку книги што се почувствував подготвена да ги започнам моите романи. Поезија почнав да пишувам подоцна. На почетокот ми даваа такви домашни на училиште, да напишам песна за нешто. Бргу потоа сфатив дека ми се допаѓа и почнав да пишувам и поезија. Откако почнавме да пишуваме и јас и сестра ми, се пријавивме и на курс за пишување кај една од нашите омилени македонски писателки, Билјана Црвенковска, и тоа многу ми се допадна и ми помогна како од инспирација да стигнам до нешто што личи на вистинска книга.

Сметаш ли дека литературата за деца која е понудена во наставната програма е интересна?

– Да, интересна е и јас со задоволство читам сѐ. Многу ми се допаѓаат извадоците што се обработуваат во учебниците по македонски јазик, и секоја година новите учебници ги читам во еден здив. Но искрено, во училишната библиотека најдов и повеќе стари учебници кои уште повеќе ме воодушевија. Не сум сигурна како се избира материјалот во учебниците, но ми се чини како да има многу повеќе и поубави работи кои можат да се обработуваат. Исто е и со лектирите. Некои ми се многу интересни, некои „средни“, но навистина ми е жал што не се вклучени некои од најновите изданија, како и некои стари, прекрасни книги од македонски и странски автори кои ги имам видено во училишните библиотеки и никој не ги чита.

Читаат ли книги твоите врсници и што најмногу сакаат да читаат?

– Мислам дека читаат многу малку. Машките обично ги читаат само лектирите, а девојчињата освен лектири сакаат да читаат книги за тинејџерки, „кул“ девојчиња и слично. На пример, речиси на сите девојчиња многу им се интересни книгите од серијалот „Дневникот на едно смотано девојче“ од Рејчел Рене Расел.

Мислам дека децата не ги виделе новите книги од македонските автори, ги знаат само старите лектири и она што е во училишната програма.

Колку се „во мода“ македонските автори меѓу твојата генерација?

– Не знам дали имаат прочитано доволно книги за да се каже. Од тоа што го знам, мислам дека повеќе ги сакаат странските. Сепак, мислам дека не ги виделе новите книги од македонските автори, ги знаат само старите лектири и она што е во училишната програма. Плус, ми се чини дека сите сметаат дека не е „кул“ да се чита. Затоа, само се надевам дека наскоро ќе почнат да читаат повеќе македонски автори.

Би можеле ли наскоро да ја очекуваме во продажба твојата прва книга, која ќе те направи најмлад автор на овие простори?

– Мислам дека е уште рано да се каже. Од книгата имам уште доста, а очекувам да ја завршам за некој месец. И за издавање ќе треба време и некој да прифати да ја издаде. Значи не толку скоро, но за некое време. Јас многу би сакала! Но, не знам дали би била најмладиот автор на овие простори, овде запознав и други деца кои пишуваат и некои кои објавуваат. Не знам дали се познати изданијата што веќе ги има од други деца – автори, а еве и мојата помала сестра Магдалена пишува и сака да објавува.

И мојата помала сестра Магдалена пишува и сака да објавува.

Марија препорачува стари, прекрасни книги од македонски и светски автори:
„Бајка за детето Вилен“ од Глигор Поповски, „Девојчето со две имиња“ од Јадранка Владова, „Момчето Молња“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „Ранолетните орли“ од Горјан Петревски, „Дружината братско стебло“ од Јован Стрезовски, „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар, „Аелита“ од Алексеј Н. Толстој, „Тоње Глимердал“ од Марија Пар, „20.000 милји под морето“ од Жил Верн, „35-ти мај“ од Ерих Кестнер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот