Маричиќ вели дека имало идеја брзо да нѐ примат во ЕУ, ама 5-10 години да немаме права како сите членки

Маричиќ во Брисел/Фото: МИА

„Постојат идеи кои се презентирани од некои организации, аналитичари и тинк-тенкови, особено од Париз и Виена. Има поединци кои ја промовираат идејата да се даде поскорешен датум за членство на државите од Западен Балкан, но со одредени нетипични дерогации – одредени права да им бидат замрзнати првите пет или 10 години, како правото на вето или правото на комесар, изјави вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој во емисијата „Аргумент плус” на ТВ24 нагласи дека тоа е идеја за која вреди да се разговара, бидејќи за нас е битно што поскоро да влеземе во системот за политичко одлучување преку Европскиот парламент и Советот за министри.

– Правото на вето и правото да се избира комесар откај нас, дури и да дојдат подоцна, не е страшен проблем, бидејќи секако на државите им требаат пет до 10 години да се социјализираат во тој нов систем. Ние сакаме во ЕУ заради прифаќањето на тие вредности и стандарди, влез на заедничкиот пазар и учество во крупните одлуки, рече Маричиќ.

Според вицепремиерот, подобро е да сме на маса, отколку да чекаме уште десет години за ЕУ да се реформира и секако да ги немаме тие права.

Тој додава дека не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не носиме одлуки во тој правец.

– Ние треба да сфатиме дека не е возможно да притискаме на кочница и гас во исто време. Не може да велиме дека сме за ЕУ, а да не ги носиме одлуките кои не носат таму. Колегите од опозицијата мора тоа да го прифатат и да изберат. Оваа година е клучна за расчистување на овие дилеми, посочи Маричиќ.

Тој додаде дека не е возможно, искорено и чесно да се тврди дека сте за членство во ЕУ, но „под наши услови бидејќи ниту една држава не влегла под свои услови”.

– Имаме договор кој ни гарантира брз почеток на наредната фаза од преговорите, што потоа ќе покаже дека во однос на многу прашања сме понапред дури и од држави кои преговараат десет години, рече Маричиќ.

Вицепремиерот кажа дека парламентарните избори немаат никаква врска со уставните измени и дека двотретинското мнозинство е потребно за државата да оди напред, а не за Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот