Маричиќ вели дека го „бркаме“ првото наредно проширување на ЕУ и оти тоа е достижна цел

Бојан Маричиќ / Фото: Фејсбук, Бојан Маричиќ

Евроинтеграцијата не зависи само од нас и не е добро да се лицитира со датуми, затоа што не можеме да предвидиме точно кога ќе се случи. Нам ни е цел првото наредно проширување, кога и да се случи, Северна Македонија да биде дел од тоа проширување и тоа е достижно ако работиме интензивно на имплементација на стандардите на ЕУ и доколку ги водиме преговорите како што треба со ангажман на институциите и целото општество, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ.

-Ако ги гледате извештаите на ЕК, Северна Македонија анализирано по кластери стои подобро или еднакво добро во најголем дел од кластерите со државите кои веќе преговараат 10 години. Тоа значи дека ние не сме го изгубиле времето во чекална и дека сме работеле интензивно на усогласување и на прописите и на праксата, на нивно имплементирање. Секако дека имаме многу работа, далеку од тоа дека работата е завршена но треба да си поставиме амбициозни цели за да можеме да исполниме во некој реален рок. Гледано, најоптимистички оваа рамка за претпристапна помош завршува 2027 година и ние треба да работиме и да се бориме наредната претпристапна рамка да важи за што помалку држави, односно да бидеме држава членка, вели Маричиќ запрашан за оптимизмот на премиерот Ковачевски дека очекува побрза интеграција по примерот со НАТО.

Тој потсети на порано презентираниот календар, кој е заеднички подготвен со Брисел, според кој скринингот ќе започне на 15 септември, а ќе трае до крајот на 2023 година. Во тек е интензивна комуникација со Брисел и се прават забрзани подготовки и во тренинг центарот на СЕП.

-Планираме заедно со претставниците во Брисел по летните одмори веднаш да започнеме со обука на нашата администарција и на оние кои ќе учествуваат во првиот кластер – темелни вредности, да започнеме и со објаснување на методологијата и со објаснување на процесот на скрининг. Тоа ќе биде тековна работа на Тренинг центарот се до завршување на преговорите, рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот