Маричиќ: Важно е што опозицијата се помести од мртва точка и го промени досегашниот став за уставните измени

На Централниот и Извршниот одбор на СДСМ вечерва ќе ги додефинираме наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи со опозицијата и во брзо време ќе ги интензивираме активностите. Ние имаме комуникации постојано, меѓутоа официјално ќе се обратиме до опозицијата за да го отвориме овој дијалог, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во интервју за МИА, Маричиќ истакна дека е важно што опозицијата се поместила од мртва точка и на некој начин го променила оној досегашен цврст став дека по ниедна цена нема да има уставни измени.
-Добро е што ја увидоа, ја согледаа потребата од консензус и од, да речам, една позиција во која што нема самите себе да се блокираме како држава и сега останува таа добра волја да ја покажат и на дело. Од Владата имаат подадена рака, премиерот и на лице место даде конкретна понуда за редоследот на чекорите, рече Маричиќ.
Тој додаде дека опозицијата не ја отфрлила оваа идеја и дала само некои дополнителни услови и според него за тоа вреди да се седне и да се разговара.
На прашањето за тоа кога уставните амандмани би влегле во собраниска процедура, Маричиќ вели дека тоа е можно овој месец и тоа зависи од динамиката што ќе ја договорат во рамки на дијалогот со опозицијата.