Маричиќ: Со уставните измени Собранието ќе даде „зелено светло“ за продолжување на преговорите со ЕУ

Фото: Влада на РСМ

Визијата и желбата Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година е реална и поважна од сѐ кога е во прашање нашата иднина, но останува потребата од донесување на уставните измени, оцени денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. На прес-конференцијата во владата тој најави дека за уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе има дебати со граѓанските организации и експерти за нивната содржина но и за нивното политичко значење.

Според Маричиќ, политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од Преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците, туку „овие уставни амандмани имаат значење на практично ‘зелено светло‘ од наша страна, од нашето Собрание, за продолжување на преговорите со Европската Унија“.

-Прашањето за уставните измени е прашање кое што е веќе отворено. Ние веќе правиме консултации на експертско ниво, а имавме и лидерска средба во Собранието кое што го иницираше тој дијалог. Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење – рече Маричиќ.

Тој верува дека оваа дебата која ќе се одвива меѓу граѓанските организации и академската јавност со бизнис заедницата околу политичкото и економско значење, но и значењето на овие уставни амандмани на долг рок за нашата држава, ќе бидат вовед во институционална дискусија и продолжението на оваа процедура внатре во Собранието.

-Треба да сме подготвени и сите да дадат свој придонес во овој процес, за тој да може и успешно да започне но уште поважно, и успешно да заврши – додаде Маричиќ.

На прес-конференцијата тој говореше за текот на скрининг процесот и кажа дека е во напредна фаза и се одвива според календарот заеднички утврден со Европската комисија.

– Успешно го заокруживме клучниот, темелниот кластер „Фундаментални вредности“, а од понеделник ги започнуваме билатералните скрининг состаноци за три поглавја – право на основање и слобода на давање на услуги, право на трговски друштва и право на интелектуална сопственост, сите три важен дел од Кластерот „Внатрешен пазар“ – информираше Маричиќ.

Најдоцна за три месеци, според него, треба да го добиеме скрининг извештајот кој ќе помогне да се подготват клучните три документи до членство во ЕУ – патоказот за владеење на право, патоказот за реформа во јавната администрација и патоказот за функционирањето на демократски институции кои се услови за отварање на првиот кластер. Дополнително во рамки на патоказот за владење на правото ќе треба да се подготви и акциски план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и заедниците со конкретни мерки за недискриминација, борба против говор на омраза и право на образование.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот