Маричиќ: Нема начин да ни се наметнат решенија за историските прашања

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ на брифинг со уредници / 4 јули 2022 / Фото: Фејсбук, Бојан Маричиќ

„Од 2017 година па досега, нашата борба беше да ја оставиме историјата на теренот на историчарите и токму тоа е целта и на билатералниот Протокол, меѓутоа и на целиот процес, историјата да се остави на историчарите каде што на паритетна основа со разумни аргументи, со научни аргументи и нормално во една разумна динамика ќе постигнат или нема да постигнат некаков договор во однос на одредени прашања“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на МРТВ.

Доколку историските прашања би биле репер или беа репер, Маричиќ појасни дека тогаш тие би биле дел од процесот на „бенчмаркинг” или креирање на конкретни задачи и додаде дека нема основа, нема ниту правна, ниту политичка основа такво нешто да влијае формално како критериум за напредок во разговорите.

„Не постои основа во оваа преговарачка рамка изнаоѓање на решение за кој било историски лик да биде критериум за тоа дали можеме да одиме напред или не. Затоа постои преговарачката рамка која е основа на која се цени нашиот напредок. На ниту еден начин не може да ни се наметне решение, по кое било прашање од историјата“, посочи вицепремиерот.

Во оваа насока, Маричиќ рече дека Бугарија имала различна позиција во првичната рамковна позиција од оваа денес, а дека ние имавме проблем повеќе години како да се дојде до оваа точка на рационализација.

„Ние, кога го почнавме овој процес, рековме сакаме достоинствено решение, сакаме решение кое ќе се базира на балансиран компромис и решение кое ќе се темели и заснова на Европските вредности. Сето она што го имаме во овој пакет ги исполнува овие услови“, заклучи Маричиќ.

Видео на денот