Маричиќ: Имаме шанса за европска интеграција со чист македонски јазик и идентитет, без никакви условувања

Бојан Маричиќ / Фото: Фејсбук, Бојан Маричиќ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на својот фејсбук-профил напиша дека со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија.

Маричиќ вели дека досегашните политики и сите чекори кои ги направила оваа Влада биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните и дека ќе останат доследни на македонските национални интереси и цели.

„Досега нашите политики и сите чекори кои сме ги направиле биле стратешки и во интерес на државата и граѓаните. Со францускиот предлог имаме можност да го почнеме преговорачкиот процес на македонски јазик, признаен од цела Европска Унија“, напиша вицепремиерот.

Меѓувладината конференција и скринингот се првите чекори од преговарачкиот процес и кај сите земји членки во просек траеа околу 12 месеци. После тоа, појаснува тој, следува отворање на првото поглавје, а до тогаш би било потребно внесување на трите нови етнички заедници во нашиот Устав, покрај постоечките седум.

„Имаме можност за чист напредок во европските интеграции со чист македонски јазик и идентитет признаен од целата Европска Унија. Тоа го добиваме без никакви условувања или отстапки. Напредокот после скринингот ќе зависи од внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот што е само зајакнување на нашето еднакво мултикултурално општество. Нашиот европски напредок веќе нема да зависи од историските прашања кои ги покрева Бугарија и за кои треба да разговараме, но за кои никој од македонска страна нема да може да биде условуван. Остануваме доследни на нашите интереси и македонските национални цели. Од нас и само од нас зависи“, пишува на фејсбук профилот вицепремиерот Маричиќ.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот