Маричиќ: Зошто да не се обидеме и судењата да бидат онлајн?

Бојан Маричиќ, министер за правда/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Измените на Законот за кривична постапка, кои се потребни за водење на онлајн судења не се очекува да се донесат во скоро време. Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека во моментот активно се работи на драфтирање на Законот за парична постапка, кој ќе биде наскоро во собраниска процедура. Додека за ЗКП, рече дека дебата ќе се отвори наредната година.

– Во тек на пандемијата од кога е започната и за време на техничката влада имавме ситуација врз која со Уредба со законска сила и одлуки на Судскиот совет, одредени дејствија во процесите беа префрлени онлајн. Имам добро искуство во Основиот суд во Кавадарци, кое за време на пандемијата успеа да реализира онлајн судење. Не велам дека темата е едноставна, и дека ќе биде лесно, ниту пак дека за брзо време ќе го оствариме тоа. Но сум сигурен дека оваа тема е вредна за размислување, доколку сакаме и обвинителството и судството да ја зајакниме ефикасноста и транспарентноста на судството, рече Маричиќ.

Како што посочи, Законот за парнична постапка и Законот за кривична постапка секако ќе бидат сменети. И таму има предлози за онлајн судења.

– Ќе ги слушнеме мислењата на судиите, на адвокатите, на обвинителите и секаде каде што ќе утврдиме дека ќе се олеснат судските процеси, ќе постапиме. Има начини како сето ова да се реши, дали со специјални простории во судот кога станува збор за испрашување сведоци, дали друг начин, но целта е да не се собираат многу луѓе на мал простор. И останувам на идејата за онлајн судења и ќе ја тераме и во иднина. Ако цел образовен систем го префрламе да функционира онлајн, ако владата работи онлајн, тогаш зошто да не се обидеме и судењата да бидат онлајн? праша министерот Маричиќ.

Тој воедно истакна дека тие како власт не бегаат од процесни закони (за коишто е потребно двотретинско мнозинство), и дека тоа го докажале во претходните три години кога е донесен Законот за судови, во договор меѓу власта и опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот