Маричиќ: Секоја мерка за одговорност на судија што е согласно законот е за поздравување

Министерот за правда, Бојан Маричиќ изрази поддршка за одлуките на Судскиот совет, кои се во насока на утврдување на професионалното и совесно работење на судиите, откако претходно во денот стана јасно дека работата на поранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд, Татјана Михајлова била предмет на анализа пред членовите на Советот.

-Секоја мерка на Судскиот совет за зајакнување на одговорноста во судството согласно законите и прописите е за поздравување, кусо ја искоментира министерот за правда, Бојан Маричиќ за „Слободен печат“ најновата одлука за разрешување на судијката поради нестручно работење.

Официјално од Советот не го соопштија името на судијката, но потврдија дека одлуката ја донеле поради утврдени злоупотреби на АКМИС-от, односно системот за распределба на предмети.

Првиот човек на Здружението на судии, Џемаили Саити, пак, кој воедно е и судија во Врховниот суд, вели дека не знае дали во Судскиот совет се одлучувало врз основа на поднесена претставка или како дел од новата методологија за прочистување во правосудството.

-Здружението на судии неколку пати се произнесе и порача дека доколку има сомнеж за несовесно работење, проверките да се извршуваат преку Судскиот совет и Државната комисија за спречување корупција, изјави Саити за СП.

Одлуката за разрешување се уште не е правосилна и треба да се објави во Службен весник, а судијката Михајлова има право на жалба пред Врховниот суд.

Михајлова е позната како судијка која забрани „бомбите“ да се користат како докази во постапките на СЈО, а беше главна судијка во „Шамарите во Центар“. Таа му пресуди и на новинарот Томислав Кежаровски кој беше обвинет во предметот наречен „Ликвидација“.

Разрешена е судијката Татјана Михајлова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот