Маричиќ: Реформите во правосудството препознаени од меѓународниот фактор

Извештаите на Стејт Департментот, Европската комисија, како и „Фридом Хаус”, ГРЕКО и повеќе други меѓународни организации и тела, покажуваат дека реформите во судството даваат резултати во однос на владеењето на правото, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

Според министерот, полека се менува и перцепцијата на граѓаните за враќањето на правната држава.

– Судството не е нешто што се менува преку ноќ. Тука има со години наталожени проблеми и со години наталожени перцепции. Ако ги следиме анкетите изминатиов период ќе видиме дека имаме подобрување во правосудството. Довербата етапно се враќа. Јас сум задоволен што и на дело покажуваме опипливи резултати дека може поинаку. Ако продолжи трендот да нема селективност во правдата, законот за важи за сите подеднакво, да се најдат сите пред лицето на правдата без разлика дали се од оваа или претходната Власт, тоа граѓаните ќе го препознаат и го препознаваат, кажа Маричиќ во гостувањето на емисијата „Објектив” на Националниот сервис.

Според министерот за правда процесот на враќањето на довербата на граѓаните во правосудството не е лесен процес, но изборот е едноставен. – Или ќе имаме правна држава во која законот ќе важи за сите или ќе имаме заштитена класа на политичари, додаде Маричиќ.

Видео на денот