Маричиќ: Повеќе ќе нема пресуди во четири очи, ниту на телефон

Бојан Маричиќ, новиот Министер за правда / Скопје, 26 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во коалицискиот договор јасно дефиниравме дека законот ќе важи подеднакво за сите и дека правдата и владеењето на правото е приоритет заедно со економијата и со европските интеграции и дека тимски ќе работиме на спроведувањето на оваа задача. Апсолутна поддршка за тоа имаме од ДУИ, а тоа денеска го потврдивме и со заменик-министерот Агим Нухиу. Јас до сега немам дилеми за тоа.

Ова го посочи министерот за правда, Бојан Маричиќ во вечерашната „Анализа“ на ТВ 24 и додаде дека веќе три години во земјава нема пресуди по телефон на сметка на зголемената борба за поголема ефикасност и независност на судството и воопшто не станува збор за базичното право на судиите да донесат одлука.

– Нема да има пресуди во четири очи, ниту на телефон. Очекуваме судиите да одлучуваат по своја волја и по закон без мешање на извршната власт и со задржување на поделбата на власта. Довербата во судството значи доверба и во системот, затоа што кога немаат граѓаните доверба во судството, немаат ниту во системот. Имаме предуслови довербата да ја качиме еден степен погоре, рече Маричиќ.

Според него, најдоборо би било Судскиот совет и Советот на јавнии обвинители да вршат ревизија на случаите по случаен избор и да провери пет отсто од предметите.

– Прво ДКСК треба да направи проверка на имотот, а од друга страна да започне филтрирање, проветрување или прегледување на оние случаи каде има голем застој или каде има застарување и има можност да се направи анализа од кои причини настанало, појасни Маричиќ.

За проветрувањето на судството нагласи дека ќе треба да се направи методологија заедно со и по иницијатива на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.

– Имаме извештаи на Прибе и на Стејт депратментот во кои многу јасно се прецизирани структурите во судството и поединечни луѓе. Дел од тие повеќе не се дел од судството, поголемиот дел се, но покажавме дека судството има сила кога сака да реагира на тие случаи. Ако луѓето во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители си ја завршат работата и дадат резултати, ќе се смени атмосферата и перцепцијата за судството, истакна Маричиќ.

Не е поентата, додаде тој, да има ваши и наши судии, туку судии кои се професионалци и работат по закон и испорачуваат ефикасна правда и судии и јавни обвинители кои биле под одредено влијание дали од политичка партија или бизнис или личен интерес.

– Борбата е како да се стави крај на правосудниот систем во кој доминира влијанието. Добри чекори се направени, меѓутоа има уште многу да се направи. Опозицијата ќе има подадена рака од нас цело време за да помогне во тој процес, потенцира Маричиќ.

Постои, посочи министерот за правда, веќе започнат процес за менување на Законот за кривична постапка кој сè уште е во рана фаза.

– Тоа е добра можност да се разгледа и на експертско ниво и на политичко ниво што е она што треба да се смени како ние како политичари би ги тргнале рацете од правото, а да им се даде можност и одговорност на судиите и на обвинителите ефикасно да ја водат постапката. Работната група се уште не е направена и допрва Министерството за правда ќе прави и за Кривичниот законик и за Законот за кривична постапка. Паралелно се работи и на менување на членот за злоупотреба на службената дејност и се изработува нов Кривичен законик по германски модел и со германски експерти, рече Маричиќ.

Тој вети дека од година на година ќе се зајакнува судскиот буџет.

– Од 2021 година ќе има скалесто зголемување на судскиот буџет и на буџетот на обвинителите и на Уставниот суд, односно секаде каде што треба да се зајакне независноста, рече Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот