Маричиќ: Онлајн судењата за 60 проценти ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста

Анализите укажуваат дека преку дигитализацијата, судењата на далечина или онлајн судењата за 60 проценти ја зголемуваат ефикасноста и транспарентноста, а дополнително, на овој начин се намалуваат и трошоците, порача министерот за правда Бојан Маричиќ, на отворањето на Конференцијата за ефикасност на работата на судиите и судската администрација.

Пандемијата, посочи тој, беше катализатор на процесот кој е од суштинско значење за подобрувањето на ефикасноста на работата на судиите и судска администрација, а тоа е дигитализацијата.

– Дигитализацијата, за жал во некои сегменти во општеството наидува на отпор. Судството секако нема да биде заобиколено. Се надевам дека набрзо ќе бидеме сведоци на целосна дигитализација на 187 судници и 34 судови низ државата, изјави Маричиќ.

На ова, нагласи тој, имаме директна финансиска и стручна помош од ОБСЕ, Европската Унија, САД и Норвешката влада.

– Нема посигурен начин да се намали можноста од човечки грешки, отколку да се дигитализира сè што може. Со визија и макотрпна работа веќе чекориме по патот на модернизацијата, пат којшто дава уште поголема ефикасност и подобар квалитет на испорачување на правдата, но и доследно спроведување на законот и заштита на странките во постапките, така како што бараат современите европски стандарди, изјави Маричиќ.

Судската служба, порача тој, е моторот на овие реформи, и верувам дека до крајот на годината ќе се реши проблемот и ќе се зголемат нивните плати и статусот на судската служба.

Маргарита Цаца Николовска од ИЧП, на отворањето рече, дека во рамките на 30-месечните активности на проектот биле спроведени пет работилници за одговорност, транспарентност и ефективност со судии, обвинители и адвокати.

– Работилниците беа водени од експерти со акцент на размена на практични искуства, изјави Николовска.

Во рамките на проектот, посочи таа, беше изработен заеднички протокол за унифицирано спроведување и работење на судската служба, како и проектната публикација.

Судијата во Врховниот суд Џемали Саити, и претседател на Здружението на судии, рече дека ефикасноста како важен сегмент за пристапот до правда во изминатиот период бележи напредок, но и дека е важно и понатаму да се работи на унапредување на судската служба и судиите.

Претседателот на Здружението на судска администрација Сашо Темелкоски, порача дека ефикасноста на судовите е од големо значење во генерирање доверба од граѓаните.

– Опсегот на работни задачи на судската служба почнува од приемот, водењето и архивирањето на судските списи и предмети. Таа не завршува тука и се однесува и на самото спроведување на судењата и одржување на судската зграда. Ефикасноста при извршувањето на работните задачи од судската служба, ќе придонесат и за зголемување на целокупната ефикасност на судовите, нагласи Темелкоски.

Мерливоста за ефикасноста, посочи тој, може значително да се прави преку Акмис системот, кој генерира податоци за спроведените судските предмети.

Конференцијата се одржува во рамки на проектот „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството”, финансиран од страна на Европската Унија и кофинансиран од Британската амбасада во Скопје, а спроведен од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) и професионалните здруженија на судии и судска администрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот