Маричиќ: Клучнитe предизвици на кои мора да работиме се модернизација на судовите, кадровско зајакнување и зголемување на транспарентноста

Министерот за правда, Бојан Маричиќ/ Фото Архива на Слободен печат

Клучнитe предизвици посочени во Извештајот на кои мора заеднички да работиме со Судскиот совет и останатите чинители во правосудството се модернизацијата на судовите, кадровското зајакнување и зголемување на транспарентноста, изјави денеска министерот за правда, Бојан Маричиќ, на презентацијатa на Вториот национален извештај од Матрицата на индикатори за мерење на перформансите во правосудството.

Министерот Маричиќ кажа дека за потребата од зголемување на транспарентноста особено говорат бројните индикатори низ Извештајот, во кој ставовите и мислењата на судиите од една страна и адвокатите и медиумите од друга страна, често се дијаметрално спротивни.

– Како што знаете Владата неодамна го усвои Планот за дигитализација, со што од идеа и планирање влегуваме во фаза на имплементација. Според планот, за релативно кратко време целосно ќе се дигитализираат речиси 200 судници, низ сите судови во земјата. Ова е навистина значаен, пред се технолошки скок кој со сигурно ќе ја зголеми и транспарентноста и ефикасноста на судовите, а со тоа ќе се подобри и перцепцијата на граѓаните за работата на истите, рече министерот.

Во овој контекст, како што кажа, е и анализата на состојбите во областа „Ефикасност”, каде испитаниците сметаат дека е потребно технолошко унапредување и модернизација на судовите, како и кадровско зајакнување.

Маричиќ дополни дека она што го радува од Извештајот е зголемената позитивна перцепција кај судиите, и тоа за 17 процентни поени, во однос на индикаторот дека врз донесувањето на одлуките не влијаат приватните интереси, туку тие се донесуваат врз основа на фактите и доказите во предметот.

Ова, како што посочи, е своевидна потврда на тоа што го говорат, дека судовите се ослободуваат од притисоци и сега тие испорачуваат правда со засилена динамика.

Според Маричиќ, во правосудството моментално се решаваат проблеми но и перцепции за судството наталожени со години. Тој кажа дека со посветеност, во еден инклузивен процес, каде што ќе бидат вклучени сите фактори во правосудството ќе може забрзано да се менува сликата за правниот систем.

Вториот национален извештај издаден од Центарот за правни истражувања и анализи кој е заснован на резултатите од мерењето со Матрицата на индикатори за мерење на перформансите и реформите на правосудството е вграден во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со цел редовно и објективно мерење на судските реформи во земјата и следствено на тоа – соодветно дефинирање на приоритетите на реформскиот пат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот