Маричиќ: Извештајот на Стратегијата за реформи во правосудството укажува дека имаме солидни резултати

Бојан Маричиќ, министер за правда/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Законот за судови, Законот за судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители се клучни закони кои беа донесени во изминатите две години и кои ги воспоставија механизмите што обезбедуваат независност и отчетност на правосудството. Од вкупно 227 предвидени активности од Стратегијата за реформи во правосудтсвото, 114 се реализирани во целост, а 35 во тек.

Ова денеска го истакна министерот за правда Бојан Маричиќ на завршната конференција на проектот „За правда – Следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2020-2021″, во организација на Блупринт групата за реформи во правосудството.

– Особено е поздравена проактивната улога на Судскиот совет, кој во неколку наврати застана на браникот на независноста на судството. Врз основа на постоечките закони, Судскиот совет донесе неколку клучни документи со кои започна да се спроведува динамична проверка на работата на судиите. Верувам дека е тоа чекор кон зајакнување на транспарентноста, одговорноста и етиката во фелата, што е од исклучително значење за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, истакна Маричиќ.

Стратегијата за реформи, според министерот, е будно следена од Советот за реформи во правосудниот сектор, и од нашите меѓународни партнери и граѓанскиот сектор. Ова, вели тој, е додадена вредност на целиот процес, како дополнителна гаранција дека процесот на креација на политики е инклузивен и дека имаме солидни законски решенија.

– Следејќи ја статистиката од последниот Извештај за имплементација на Стратегијата, можам да кажам дека имаме солидни резултати – од вкупно 227 предвидени активности – 114 активности се реализирани во целост, 35 активности се во тек, 15 активности ќе се реализираат со задоцнување, 44 активности се спроведуваат континуирано, информираше Маричиќ.

Министерот како клучен предизвик ја посочи вонредната состојба кога тековното функционирање на судовите и обвинителствата се одвива со големи потешкотии или беше целосно запрено. Според него, Ковид-19 покажа колку многу ни е потребна итна трансформација и забрзана дигитализација на правосудните органи, не само за зголемување на ефикасноста, туку и за базично функционирање на институциите.

Како приоритет за 2021 година, министерот најави измена на постоечките законски решенија, а прв на кој се работи е Законот за парнична постапка, со цел воведување на концептот на дигитализација и судење на далечина како и опремување на судовите со информатичко комуникациска технологија за да може истото да се спроведат во практиката.

За оваа година министерот најави голем број на законски измени предвидени во Стратегијата за реформи, како и дека е започнат широк консултативен процес за подготовка на Закон за воена и вонредна состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот