Маричиќ: Филтрацијата на судството и обвинителството ќе биде голем чекор кон враќање на довербата во правната држава

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Филтрацијата на судството и обвинителството е врвен приоритет за Министерството за правда и Владата во целина. Очекуваме ова да биде голем чекор кон конечното враќање на довербата, која граѓаните ја имаа изгубено во правната држава. Ќе се проверува кој, како и кога постапувал или не постапувал по предмети, пред сè за висока корупција и организиран криминал, вели во интервју за МИА, министерот за правда Бојан Маричиќ.

Зборувајќи за екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски, Маричиќ посочува дека досега државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Груевски назад во земјата. Потсетува дека за Груевски се поднесени две барања за екстрадиција, на 20.11.2018 година и на 13.6.2019 година, и дека од екстрадицијата не се откажуваат и ќе продолжат активно да работат со цел негово враќање дома.

Маричиќ најави дека до крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во пет основни суда во земјата за одржување онлајн судења. – Прашањето за дигитализација не е дали, туку кога, а пандемијата е само своевиден катализатор на потребата од овој процес, вели министерот за правда и додава дека оваа година ќе се интензивира работата на внесување на потребните одредби во законските решенија, а дополнително ќе се работи на обезбедување на потребната опрема и кадар за непречено одвивање на процесот.

Во продолжение следува целото интервју со министерот за правда Бојан Маричиќ.

Министре изминаа првите сто дена од мандатот на Владата, измина и една од најпредизвикувачките години, година на пандемија на Ковид-19, реформите на правосудниот систем се високо во приоритетите на владините политики, колку според Вас се постигна во оваа насока досега?

-Лично сум задоволен од тоа што Министерството за правда успеа да го сработи во првите 100 дена, а особено од поставувањето на темелите за се она што ќе следи во годината пред нас. Сето она што го работевме беше, и е во сложени услови имајќи ја предвид пандемијата на Ковид-19. Намалувањето на судските такси за осум пати, Законот за попис, измените на Закон за прекршоци со кој се предвидуваат и до 20 пати повисоки казни за загадувачите на животна средина, филтрацијата на судството, се најде решение за судската полиција, ставање во функција на новиот Воспитно-поправен дом во Волковија, се изработи нова интернет страница за Бесплатната правна помош. Во моментот во Министерството за правда се подготвуваат помали или поголеми измени на 12 закони, за кои детално ќе бидете информирани понатаму. Како најзначајни би ги издвоил Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, Законот за медијација и Изборниот законик.

Во фокусот на „Акција 21″ е прочистувањето на правосудството, прво е на листата приоритети, усвоена е Методологијата за филтрација на судството и обвинителството. И премиерот Зоран Заев најави дека судиите ќе биде оценувани и ќе се проверува и нивната имотна состојба, додека обвинителите ќе мора да даваат „отчет” за предметите. Како ќе се спроведува сето ова, што поконкретно опфаќа оваа методологија, како ќе се преточи во пракса и ќе даде вистински резултати?

-Филтрацијата на судството и обвинителството е врвен приоритет за Министерството за правда и Владата во целина. Се работи за процес кој ќе треба да го спроведат судиите и обвинителите, односно Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Очекуваме ова да биде голем чекор кон конечното враќање на довербата, која граѓаните ја имаа изгубено во правната држава. Годинава ќе се проверува работата на судиите, судовите и претседателите на судовите. Слично ќе биде и за обвинителите. Ќе се проверува кој, како и кога постапувал или не постапувал по предмети, пред се за висока корупција и организиран криминал.

Дали Законот за Академијата за судии и обвинители, кој предвидува стручните соработници да можат да одат на обука за судии по адаптирана програма со која обуката ќе биде намалена од две на една година ќе помогне за побрзо реформирање на судството. Кога може да очекуваме концептот за овој закон за прилагодување на програмата да се објави?

-Измените кои се подготвуваат на постоечкиот Закон се во насока на адресирање на препораките кои беа дадени од страна на независни експерти на ЕК за време на оценувачка мисија реализирана во 2018 година, а се во насока на подобрување на системот на судска обука во државата и функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители. Во моментов ние како Министерство, сме во разговори со нашите партнери од ЕК за намалување на времетраењето на практичниот дел од обуката кој ќе го спроведува Академијата за оние примени кандидати кои имаат сериозно изградено професионално искуство како резултат на долгите години поминати во служба во судовите и јавните обвинители како судски и јавнообвинителските службеници. Доколку, постигнеме согласност, ова решение ќе се вгради во новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители, кој се надеваме дека наскоро ќе се најде во процедура. Академијата и натаму останува единствена точка на влез на нови кадри во правосудниот систем.

Премиерот при презентацијата на „Акција 21″ напомена дека сме во финалето на длабоките и суштински реформи во правосудството и дека дотука се стигнало по тешка битка со противниците на правдата. Дали навистина сме во финалето и кои се всушност противниците на правдата во земјава?

-Ние како Влада едноставно немаме друг избор освен максимално да работиме за длабинска реформа во правосудството. Тоа им го ветивме и тоа им го должиме на граѓаните. Знаете дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ја презентираа Методологијата по од јануари ќе почне проверката на работата на судиите и обвинителите. Овие две институции го имаат главниот збор во таканаречената филтрација на правосудството. Целта е преку низа утврдени методологии да се провери дали и како се вршеле истраги, дали се постапувало согласност законите, како се воделе судските постапки, зошто некои се одвиваат бавно, зошто некои предмети застареа и така натаму. Свесни сме колку е важен овој процес за враќањето на довербата во правосудството и затоа Владата е должна будно да ги следи реформите во правосудството.

Паралелно на овој процес, на почетокот на годинава се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 судски случаи годишно, во кој ќе учествуваат странски и домашни експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ. Како ќе се одвива овој процес, врз основа на кои критериуми ќе се бираат судските случаи кои ќе бидат ставени под мониторинг?

-Мониторингот се спроведува на наше барање, а критериумите ги одредуваат самите спроведувачи, односно поддржувачи на овој процес. Ќе се следат случаите во прв степен, за случаите поврзани со корупција постојат три главни под-критериуми кои ќе го олеснат изборот на релевантни случаи, како статусот на обвинетото лице, неговата моќ или функција, тежината на делото, економската штета или последици, влијанието на наводното однесување врз граѓаните итн. Секако, ќе се мониторираат и случаи на организиран криминал, со посебен фокус на случаите на организиран криминал каде што криминалните активности преземени од обвинетите се состојат од: проневера, перење пари или други финансиски злосторства.

Ваша оценка на досегашната имплементацијата на Законот за јавно обвинителство?

-Постојано потсетувам дека имплементацијата на овој закон е започната, но дека е потребно подинамично постапување и судска завршница на постапките кои ги започна СЈО. Граѓаните со години чекаат пресуди. Клучната препорака во Извештајот на Европската комисија е имплементација на новата законска регулатива со која се префрлаат некои од надлежностите на поранешното СЈО во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и регулирање на статусот на прислушуваните материјали, така што утврдувањето на одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од прислушувањето ќе продолжи.

Пандемијата го смени целосно начинот на живот, а тоа се одрази и на работата на судовите. Изминатата година бевме сведоци на одложени судења поради заболени обвинети, обвинители, адвокати … но и полемика за воведување онлајн судења како можност непречено да се одвиваат процесите и во вакви неспецифични услови. Колкав капацитет има македонскиот систем за одржување онлајн судења?

-Како Министерство ја отворивме темата за онлајн судења и дигитализација на судството од самиот почеток на пандемијата. Прашањето за дигитализација не е дали, туку кога, а пандемијата е само своевиден катализатор на потребата од овој процес. Во 2021 година ќе се интензивира работата на внесување на потребните одредби во законските решенија, а дополнително ќе се работи на обезбедување на потребната опрема и кадар за непречено одвивање на процесот. Веќе до крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во 5 основни суда во земјата. Мора да ги користиме придобивките на модерната технологија доколку сакаме да сме во тек со современите текови. Веќе знаете дека судот во Кавадарци одржа онлајн рочиште, а тоа треба да ни биде и мотив дека тоа е можно и во Северна Македонија.

Колку предмети се решени по пат на системот за медијација, и дали е намалено оптоварувањето на судовите?

-Во текот на 2020 година, заклучно со 12 ноември оваа година лиценцираните медијатори пријавиле 317 обиди за решавање на споровите по пат на медијација, од кои 113 биле работни спорови, 156 трговски, 20 осигурителни спорови, 6 имотно правни, една во кривична постапка, една потрошувачки спор, две во семејни спорови и 18 по друг основ. Од овие 124 завршиле со склучување на писмена спогодба, а 190 без спогодба, а по три сè уште се постапува односно се активни. Ова само покажува дека концептот на медијација функционира. Министерството за правда подготвува нов Закон за медијација и очекувам набрзо да биде испратен во Собранието, а со него очекувам уште повеќе да се зголеми процентот на спорови решени по пат на медијација што е многу подобро отколку да се чека пресуда во судски постапки. Инаку, во Северна Македонија има 46 лиценцирани медијатори.

Министерството за правда редовно доставува барања за екстрадиција за сите сторители на кривични дела, оние кои се во постапка, а се во бегство. За некои од нив, досега неколку пати е побарана екстрадиција, но каков е одговорот на овие барања?

-Барањата за екстрадиција се постапки со странски држави кои секогаш го имаат последниот збор во поглед на екстрадицијата. Одговорите или причините за одбивање се секогаш различни – некогаш сторителот не може да биде лоциран, некогаш се одлучува да не се екстрадира, некогаш постапката продолжува и се бараат дополнителни материјали. Наше е никогаш да не се откажеме да го исполниме барањето на правосудните органи сторителите на кривични дела да бидат донесени во Северна Македонија и сме во постојана комуникација за сите предмети кои се во тек.

Неодамна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека поранешниот премиер Никола Груевски ќе се врати и ќе ја одлежи казната за „Тенк”. Груевски избега во Унгарија, доби политички азил, како би можел да се врати во земјава и дали некој ќе ја сноси одговорноста за неговото бегство?

-Треба да знаете дека досега државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Груевски назад во земјата. Државата не е лимитирана во однос на тоа колку пати може да побара на екстрадиција на лицата кои се во бегство. Одлуката на Уставниот суд да ја прогласи за уставна одлуката за повлекување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е нов момент во овие случаи. За поранешниот премиер досега се поднесени две барања за екстрадиција, едно на 20.11.2018 година и друго на 13.6.2019 година. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома.

Оптимист ли сте дека ќе успееме да спроведеме попис?

-Секако, пописот е обврска, а не желба. Незамисливо е европска држава да нема попис цели 18 години. Оптимист сум дека ќе го спроведеме успешно пописот, бидејќи и во Извештајот за напредокот на Европската комисија е наведено дека пилот фазата на пописот е успешно спроведена и дека се очекува Собранието да го изгласа овој закон. Пописот е статистичка операција која им служи на носителите на политики и инвеститорите да знаат какви политики да носат, каде да инвестираат. Оваа операција може само да и помогне на нашата држава, а никако да има штета од неа.

Минатата година ќе ја паметиме и по бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ. Имате искуство во сферата на евроинтеграциите, во претходниот мандат одблиску ги следевте тие процеси, кои се вашите прогнози за 2021, како ќе се движат работите во обидите да се пронајде решение за спорот и со тоа да се отвори патот на Северна Македонија во Унијата?

-Повторното одложување на почетокот на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија е голема грешка. Нашата земја направи сè што беше побарано како услов за почеток на преговорите. Многу пати и премиерот Заев кажа дека ние немаме алтернатива на членството во ЕУ, но и дека тоа не може да биде на сметка на нашиот македонски идентитет или македонски јазик. Разговорите со соседна Бугарија ќе продолжат, тие се наши соседи и мораме преку европска достоинствена политика и дијалог да бараме решение за недоразбирањата. Разговорите ќе продолжат со оваа и која било друга идна бугарска Влада.

Во Бугарија има избори, многумина ваквата постапка ја ценат како предизборна кампања на Борисов, Захариева, Каракачанов, но без разлика на тоа ветото е реалност, која ние ја почувствуваме на своите плеќи, колку натамошното одложување на нашето интегрирање во Унијата ќе се одрази врз европеизацијата на земјата, спроведувањето на реформите, еве конкретно во вашиот сектор, дали очекувате некакви последици, застој?

-Во неколку наврати истакнав дека започнувањето на преговорите значи и динамизирање на реформите во сите области бидејќи поддршката од Европската Унија би била многу поинтензивна. Што значи, нема да има никаков застој на реформите – тие нив не ги правиме за Европската Унија, туку заради нашите граѓани. Воедно, реалноста е дека ние губиме многу со тоа што не го започнуваме тој интензивен процес на блиска соработка со Брисел и партнерите во ЕУ. Затоа е многу значајно да се најде решение кои ги штити нашите државни интереси и кое ни овозможува официјален почеток на преговорите.

Намалени судски такси, нова методологија, закон за попис, предлог за зголемување на казните за загадувачите се дел од работите ги наведовте правејќи пресек за првите сто дена Влада. За некои од нив и подетално говоревме, но освен прочистувањето на правосудниот систем и ЕУ мониторингот на судските случаи, кои ќе бидат приоритетите на правда во 2021 година?

-Министерството за правда го очекуваат големи предизвици во новата 2021 година. Како такви би ги издвоил изборната реформа со која ние сакаме да воведеме отворени листи за локалните избори во октомври, а за чие донесување е потребен политички консензус. Воедно, во тек е и подготовка на нов Кривичен законик, кој е огромен процес и во кој се опфатени голем број на прашања, Законот за парнична постапка и многу други. Истакнав дека во моментот во Министерството за правда се подготвуваат околу 12 нови или измени и дополнувања на закони, значи навистина не очекува динамична година исполнета со голем број на предизвици.

Тоа на што ќе се работи следната година е дигитализацијата на судство. Преку неа не само што ќе се обезбеди постапките непречено да се одвиваат во различни услови, туку ќе значи и дигитализација на услугите кои граѓаните ги добиваат со судовите како разни потврди и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот