Маричиќ: Да не го бараме проблемот во законите, туку да се погрижиме истите да бидат дословно спроведени

Бојан Маричиќ, министер за правда/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерот за правда Бојан Маричиќ во рамките на конференцијата „Премостување на јазовите помеѓу формалните процеси и неформалните практики кои ја обликуваат судската култура на Западен Балкан”, која се одржа во организација на Институтот за демократија „Социетас цивилис”, кажа дека судството во земјата ќе биде филтрирано, меѓу другото и со цел да се зголеми довербата која ја имаат граѓаните во правосудниот систем.

– Процесот на филтрирање на судството и обвинителството, меѓу останатото, треба да нѝ покаже дали имаме сериозен проблем со неформалниот кодекс на однесување. Овој процес веќе го најавивме и очекуваме набрзо да ја објавиме методологијата по која сметаме дека треба да се спроведе. Секако овој процес ќе го води Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Целта е да се зголеми довербата во правосудниот систем преку одвојување на судиите и обвинителите кои совесно и одговорно си вршат работата, од оние кои тоа не го прават, истакна Маричиќ.

Според министерот, како што соопшти Министерството за правда,  улогата на Министерството за правда и Владата не е да пресудува, да суди и да се меша во конкретни судски случаи, тука да учествува во изградбата на систем на правдата, којшто ќе испорачува, ќе биде ефикасен, одговорен и транспарентен, а филтрирањето е само еден од чекорите во остварувањето на таа цел.

Маричиќ во своето обраќање на конференцијата посочи и дека во иднина особено внимание ќе се посвети на целосна имплементација на донесените закони.

-Ако законите се темелот на правосудството, судската пракса или култура се неговата душа. За подобрување на состојбите во правосудството повеќе не треба да се огледуваме и да го бараме проблемот во законите, туку да се погрижиме истите да бидат дословно спроведени, кажа Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот