И оваа година во спомен на Тоше Проески, кој трагично загина на 16 октомври 2007 година, ќе трчаат десет маратонци кои ќе пристигнат во Крушево на 16 октомври напладне.
Поради пандемијата годинава маратонот ќе се одржи на територија на нашата земја, поточно од преминот Табановце, преку Скопје, до Крушево. Двајца претставници на маратонците ќе истрчаат симболични 10 километри во Нова Градишка, Хрватска и таму ќе положат цвеќе во спомен на Тоше.
– И оваа година ќе го одбележиме овој тежок ден за Крушево, за државава и за Балканот. Ќе ги пречекаме маратонците и заеднички ќе му оддадеме почит на нашиот сограѓанин, пејач и амбасадор. Годинава ќе положиме цвеќе на веќе изграденото гробно место и Тоше конечно ќе има достојно почивалиште – вели Томе Христоски, градоначалникот на Крушево.