Мапа на распространетост на Омикрон во Европа: Која држава до сега го пријавила новиот вид и која ги затворила границите

Германија ковид-19 коронавирус
Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Неодамна во Јужна Африка се појави нова мутација на вирусот што пред две години го парализираше светот. Оттогаш, научниците се обидуваат што поскоро да откријат за каков вид се работи, дали е опасен и дали е позаразен од варијантите што веќе ги знаеме. Во меѓувреме, некои земји ги затворија своите граници поради страв од брзото ширење на новата мутација.

EPA-EFE

Видот кој Светската здравствена организација го оцени како „загрижувачки“ беше наречен омикрон. Тој пристигна на европска територија со лет од Јужна Африка, во Белгија.

Од тој момент брзо се прошири во неколку европски земји, но и во Израел, Австралија и Канада.

Германија забележа два случаи на инфекција со новиот вид, Холандија дури 13 во еден ден, а Австрија неодамна објави дека омикрон пристигнал во провинцијата Тирол. На виенскиот аеродром се врши детална контрола на патници од јужноафриканските земји. Припадниците на армијата го следат текот на патувањето, за да спречат некој да влезе во земјата, заобиколувајќи ја забраната за влез од земјите од Јужна Африка, која стапи на сила од петокот.

EPA-EFE

Во земјата моментално можат да влезат само австриски државјани, но со негативен ПЦР тест и десетдневен карантин.

Речиси сите европски земји ги прекинаа летовите со африканскиот континент, а на сите туристи во моментов им е забранет влез во Израел, Австрија и Јапонија. Омикрон во Европа досега е регистриран во Холандија, Белгија, Италија, Чешка, Германија, Австрија, Велика Британија, Швајцарија, Шпанија и Данска.

Се очекува во наредните денови новата мутација да стигне до речиси сите европски земји , и покрај забраната за влез што важи за сите патници од Африка, а на која предупредува и Светската здравствена организација.

Ковид мутацијата омикрон веројатно ќе се шири на меѓународно ниво, што претставува „многу висок“ глобален ризик каде што зголемувањето на случаите на Ковид може да има „тешки последици“ во некои области, соопшти СЗО.

EPA-EFE

Опасноста демне и надвор од гранците на Европа

Во Јапонија денеска е откриен случај на зараза со новата мутација, а властите вчера најавија дека ќе забранат влез на странци во земјата, за да се спречи можното ширење на Омикрон.

„За да се избегне најлошото сценарио и како итна мерка на претпазливост, Јапонија од синоќа воведе забрани за влез на странци во земјата , изјави јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Пред Јапонија, Израел ги затвори границите за сите туристи. Израелските власти во саботата објавија дека ќе забранат влез на сите странци во земјата, со што Израел ќе биде првата земја што целосно ги затвори своите граници како одговор на новата и потенцијално позаразна варијанта на коронавирусот – наречена Омикрон.

EPA-EFE/

Премиерот Нафтали Бенет изјави дека забраната ќе трае 14 дена. Официјалните лица се надеваат дека во тој период ќе има повеќе информации за тоа колку се ефикасни вакцините против сојот Омикрон, кој првпат беше откриен во Јужна Африка и кој Светската здравствена организација го нарече „варијанта на загриженост“.

„Нашите работни хипотези се дека оваа варијанта веќе постои во речиси секоја земја“, рече министерот за внатрешни работи Ајелет Шакед, додавајќи дека вакцината е ефикасна, иако сè уште не е познато во колкава мера.

Итен состанок на Г7 поради Омикрон

Министрите за здравство на Г7 денеска ќе одржат итен состанок за новата варијанта на ковид наречена омикрон, која се шири низ светот и ги принудува земјите да ги затворат своите граници.

Состанокот го свика Британија, која претседава со Г7, а која е меѓу се поголемиот број земји кои откриле случаи на новата варијанта која содржи бројни мутации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот