Мане: Баерн е вистинскиот клуб во вистинско време

Садио Мане/ фото: EPA-EFE/VINCENT MIGNOTT

Трансферот на Садио Мане во Баерн Минхен сè уште не е официјализиран иако никој нема дилеми дека сенегалскиот репрезентативец кариерата ја продолжува во германскиот тим.

Мане се наоѓа во Минхен, вчера ги помина лекарските прегледи и веќе „ја задолжи“ опремата на Баерн, а денеска се очекува да го потпише договорот со баварците.

Германскиот тим за трансферот на Мане му плати 32 милиони евра на Ливерпул, а сумата може да се зголеми за дополнителни девет милиони евра. Напаѓачот во германскиот тим ќе има плата од 18 милиони евра годишно и за германските новинари, тој ќе биде најголема ѕвезда во Бундеслигата.

– Каков комплимент, ви благодарам за тоа. Мојот живот отсекогаш бил полн со предизвици. Кога агентот првпат ми кажа за интересот на Баерн Минхен, бев запрепастен бидејќи веднаш се видов таму веднаш. За мене ова е вистинскиот клуб во вистинско време Баерн е еден од најголемите спортски тимови во светот кој секогаш се бори за секоја титула. Мислам дека ја донесов вистинската одлука – беа првите зборови на Мане.

Новинарите се интересираа и дали Мане би сакал Роберт Левандовски да остане во Минхен.

– Јас не сум играч кој се фокусира на такви работи. Тука сум поради Баерн и неговите резултати. Ќе направам сè за да придонесам екипата да освојува трофеи.

Воодешувањето не го криење ниту спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ.

– Сите сме горди и среќни што светска ѕвезда како Мане пристигна во Баерн.Ова е прекрасна работа што ни се случува.Тој е на врвот на својата кариера, се наоѓа во одлични години и е во одлична форма. Мане е гладен за трофеи, и го избра вистинскиот клуб – вели Салихамиџиќ.

Видео на денот