Манчевски: Нови технологии и во рударството

Новите технологии треба масовно да се воведуваат и во рударството, а ЕСМ и РЕК Битола како државни компании имаат можност, но и должност да бидат лидери во воведувањето нови технологии, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прослава на денот на рударите во РЕК Битола.

Манчевски потсети дека владината поддршка на рударите и рударството е голема и видлива и дека така ќе биде и во иднина.

– Во земјава има околу 100 активни рудници и тоа ја прави оваа гранка да биде еден од основните столбови во нашата економија. Со цел поддршка на рударството Владата презеде значајни чекори за подобрување на условите за работа, а во РЕК Битола, уште од почетокот на нашиот мандат работиме да обезбедиме одржлива и видлива иднина за комбинатот. Јавно ја потврдуваме поддршката за инвестициските планови на РЕК Битола со што ќе се овозможи стабилност електроенергетскиот систем во Северна Македонија, истакна министерот Манчевски пред битолските рудари.

Според Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ, вложувањата во комбинатите овозможуваат поефикасно производство на електрична енергија.

– Вложуваме да обезбедиме уште подобри услови за работа во РЕК Битола но и во РЕК Осломеј. Посветени сме за да одговориме на потребите за електрична енергија во цела држава. Нашиот план е ремонтите да завршат навреме и во грејната сезона да влеземе подготвени и со зголемен капацитет за производство на електрична енергија. Како компанија во иднина повеќе ќе вложуваме во постоечките, но и во нови капацитети, а ќе вложуваме во обновливи извори на енергија, рече Ковачевски.

Во првите 8 месеци во РЕК Битола Блок-1 испорачал 699.026 мегават часови или 110 проценти од планираното, Блок-2 испорачал 858.743 мегават часа или 122 проценти од планираното и Блок-3 испорачал 672.355 мегават часа или 116 насто од планираното, информира директорот на комбинатот, Златко Ќурчиевски.

– Вкупното производство на испорачаната електрична енергија е 2.230.124 мегават часови и е 16 насто над планираното, а ако кон ова се додадат заштедите во потрошувачката на мазут кои изнесуваат 30 проценти тогаш слободно може да се каже дека РЕК Битола има успешна производствена и инвестициско-еколошка година, нагласи Ќурчиевски.

На прославата по повод денот на македонските рудари поздравна реч имаше и поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан кој заедно со раководството на ЕСМ, РЕК Битола и министерот Манчевски на најдобрите рудари им врачија пригодни награди и им честитаа за постигнатите резултати. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот