Манчевски: Ги направивме првите клучни чекори за унапредување на дигиталните вештини

За време на дигиталниот самит на Западен Балкан 6 во Скопје, ги поддржавме целите и го потврдивме нашиот интерес за интеграција во рамките на Коалицијата за дигитални вештини и работни места на ЕУ, преку поддршка на целите и принципите на Коалицијата, рече Манчевски во Лондон.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на Светскиот образовен форум што се одржа во Лондон, од 19 до 22 јануари.

На маргините на форумот, министерот Манчевски учествуваше на трибината: „Дигитални вештини: трансформација во една генерација”, на чии сесии се разговараше за образованието во 21-от век, за училиштата и современите наставни програми, како и за Берлинскиот процес, се наведува во соопштението на МИОА.

– Зајакнувањето на дигиталните вештини останува постојана реформа во нашите економии и јас сум навистина среќен што можам да кажам дека Северна Македонија спроведува неколку мерки за решавање на ова прашање. На пример, Оперативниот план за активни мерки за вработување и програми и услуги на пазарот на трудот за 2018 година донесе одлични мерки и резултати, а донесениот Оперативен план за 2019 година предвидува поддршка на дополнителни 700.000 евра за обука во областа на ИТ и дигитални вештини. Се вклучивме и во неформални едукативни активности со ученици од основните училишта во земјата, за да зборуваме за сајбер безбедноста и предизвиците околу тоа, рече министерот Манчевски.

Тој ги посочи меѓународните иницијативи и проекти на ЕУ, како што се проектите во рамки на Хоризонт 2020 во областа на е-инфраструктурите, кои се клучни за поттикнување на отворена наука и овозможување на циркулацијата на знаењето. Исто така, се осврна и на организирањето на Европската недела на кодирање каде учествуваат над 130 училишта од Северна Македонија.

– Би сакал да ја потенцирам и Иницијативата за обука за дигитални можности, која ќе обезбеди прекугранични обуки за најмногу 6.000 студенти и неодамнешни дипломирани студенти меѓу 2018 и 2020 година. Целта е на студентите од сите дисциплини да им се даде можност да се справат со дигиталното искуство во полиња што ги бара пазарот. Несомнено е дека ние ја поставивме рамката и ги направивме првите клучни чекори за унапредување на дигиталните вештини, и притоа, Берлинскиот процес служеше како патоказ на некои видови за нашите економии. За време на дигиталниот самит на Западен Балкан 6 во Скопје, ги поддржавме целите и го потврдивме нашиот интерес за интеграција во рамките на Коалицијата за дигитални вештини и работни места на ЕУ, преку поддршка на целите и принципите на Коалицијата, рече Манчевски.

На трибината учествуваше и министерот за образование и наука на Северна Македонија, Арбер Адеми, како и министерката за образование, спорт и млади на Албанија, Беса Шахини, министерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ, министерката за образование и култура на Република Српска, Наталија Тривиќ и министерот за образование на Црна Гора, Дамир Шеховиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот