Манасков пред празни трибини ќе брка европска титула
Денеска Европската ракометна федерација одлучи дека Фајнал-фор турнирот во Келн, кој ќе го даде шампионот за минатата натпреварувачка сезона, ќе се организира пред празни трибини во „Ланксес“ Арената.
Ф4 турнирот ќе се одржи непосредно пред Нова година, поточно на 28-29 декември, сите четири полуфиналисти ќе бидат сместени во „балон“, соопштија организаторите.
Потсетување дека на овој настан ќе учествува и еден македонски репрезентативец, левото крило Дејан Манасков кој ги брани боите на унгарскиот клуб Веспрем.
Здравствениот протокол утврден од ЕХФ дозволува натпреварувањето да се одржи, додека Германија влегува во строг карантин од среда до 10 јануари, како една од мерките во борбата против пандемијата на коронавирусот која според лидерот на Баварците Маркус Зедер е „надвор од контрола“.
Сите членови на ПСЖ, Барселона, Веспрем и Кил ќе бидат тестирани за првпат пред католичкиот Божиќ, а потоа и ден пред заминувањето. Ќе има нова серија тестови по нивното пристигнување во Келн, а тие ќе можат да влезат во „балонот“ само со негативен тест.