Малолетничка бременост: Кога децата раѓаат деца

бременост тест за бременост
Малолетничка бременост / Фото: Profimedia

И во Македонија, девојчињата сѐ порано ја губат невиноста, а претходно ретко која посетува гинеколог и презема превентивни мерки со цел да не забремени или да не се зарази со некоја сексуално пренослива болест.

Секоја година во светот, повеќе од два милиони девојчиња стануваат мајки пред да наполнат 15 години, предупредуваат стручњаците. Процентот на малолетнички, кои забременуваат на возраст од 13-та до 17-та година од животот, алармантно е зголемен. Девојчињата поради различни причини и мотиви се впуштаат во сексуални односи уште на млади години, некои од љубопитство, некои поради притисок од партнерот, а некои поради хормоните што им работат „сто на час“ во пубертетот.

Речиси 50 отсто oд несаканата бременост во адолесцентата возраст се случува во првите шест месеци од сексуалната активност. Тие се збунети, не знаат што е контрацепција, често не умеат ниту да ги препознаат симптомите на бременост. Девојчињата и не знаат што носи бременоста, не се сигурни што сакаат, ниту пак што им се случува, велат гинеколозите.

Profimedia
Profimedia

Последици од малолетничка бременост

Бидејќи телото и психата не се доволно зрели, неретко се случуваат голем број компликации, од кои најчести се:

  • Предвремено породување
  • Проблеми со положбата на бебето
  • Проблем со положбата на плацентата
  • Аномалии на плодот
  • Компликации при породување
  • Постпартална депресија
  • Неприфаќање на детето
  • Неприфаќањето на детето честопати доведува до ситуација кога бебето се дава на посвојување.

Каде да се бара виновникот?

И во Македонија, девојчињата сѐ порано ја губат невиноста, а претходно ретко која посетува гинеколог и презема превентивни мерки со цел да не забремени или да не се зарази со некоја сексуално пренослива болест. Кај лекар одат дури кога веќе се случила некоја од овие непријатни ситуации.

Виновници за тоа што девојчињата забременуваат во тинејџеската возраст, се општата неинформираност и лошата грижа за репродуктивното здравје кое од родителите се пренесува на децата. Страдаат сите, а најмногу младоста и иднината на детото. Затоа, спасот од несаканата малолетничка бременост треба да се бара во постојаната едукација и во отворено соочување со реалноста. Мал број родители разговараат со децата за сексуалноста и за заштита од несакана бременост. За жал, најчесто им даваат само неодредени ставови: „Чувај се“, „Внимавај што правиш“ и „Само ако направиш некоја беља“.

unsplash

Сексуално активни, но неинформирани

Денес, девојчињата се сексуално созреани веќе на 13 години, но тоа не значи дека се подготвени и за првиот секс. Се смета дека некој е емотивно зрел дури на 17 или 18 години, иако сето тоа е индивидуално. Емоционалната зрелост е потребна за една личност да биде свесна за сите последици и ризици од сексуалниот однос. Како што бременоста е ризична во подоцнежните години, така е ризична и во адолесценцијата. Првиот прекин на бременоста е секогаш ризичен и може да остави рани последици како што се крвавење, акутна инфекција, додека подоцна се јавува и стерилитет.

Луѓето мислат дека денес преку интернет се достапни информации за сè, но лекарската пракса го потврдува спротивното. Има случаи, на пример, за девојчиња кои отишле на гинеколошки преглед, а по утврдувањето на бременоста тие рекле дека биле убедени дека од еден сексуален однос не може да се забремени. Младите не знаат како се регулира плодноста. За сѐ дознаваат од пријателите, преку интернет, а околу 70 отсто од младите за сексот учат практично – што е погубно. Според едно истражување, само една петина од девојките знаат што се и кога настапуваат плодните денови (период кога е најголема веројатноста да се зачне). За модерните и ефикасните методи на контрацепција знаат помалку од половина анкетирани, додека кај четвртина знаењето е исклучително скромно. Стручњаците сметаат дека причината за овој проблем лежи во тоа што најчести извори за информирање на младите се нивните врсници, медиумите и сексуалниот партнер.

Секоја година стотици илјадници девојки на болен начин учат „како се прави бебе“. Мал број девојки, и тоа оние кои имаат 18 и 19 години, се одлучуват да го задржат бебето или, пак, се решаваат на тој чекор затоа што се принудени откако доцна ќе сфатат што им се случило.

Гинеколозите велат дека моментот кога девојчето ќе се соочи со бременоста е многу мачен, затоа што тој преглед ја уништува и нејзината последна надеж дека нема проблем. Меѓу младите трудници има најразлични судбини. Тој проблем ги погодува и сиромашните и богатите, најчесто станува збор за девојчиња од средини каде што владее лоша информираност, и недостатокот на образование за нив е кобен. Меѓу нив има и многу со емоционални проблеми. Девојчињата на преглед одат со мајките, понекогаш сами или со другарка. Партнерот ретко се појавува.

Profimedia
Profimedia

Сексот не е табу, сексот е природна работа

И додека едни сметаат дека недоволната информираност на родителите е последица на тешките години во кои живееме, оптовареноста со грижата за пари и препуштеноста на децата на самите себе, лекарите велат дека не треба да се осудува, туку мора да се работи на решение на проблемот. Тие советуваат родителите со своите деца да разговараат за сексуалноста, а не да ја вртат главата од проблемот во стилот на „ноева“ политика, и најважно, да бидат свесни дека децата го копираат животниот стил на родителите, па ако мајката користи контрацептивни средства и ќерката тоа ќе го прифати како нормална работа. Подобро да се почне што порано, бидејќи границата за стапување во сексуален однос се менува. Речникот, објаснувањето и советите на родителите мора да се прилагодат на возраста и на зрелоста на младата личност. Ставовите на родителите во врска со сексот значајно го насочуваат нивното сексуално однесување, а може да влијаат и на возраста кога да се почне со секс.

Нашата сексуалност бара грижа. Заштитата е неопходна, како и зачувувањето на репродуктивното здравје. Адекватната превенција, системскиот пристап на сексуално образование на младите од родителите, училиштата, медицинските установи и општеството, воопшто, е сигурен начин за намалување на малолетничката бременост. Потребна е сексуална едукација на младите, која подразбира информирање за сексуалноста, за контрацептивните методи и за полово преносливите болести. Дека разговорот може да помогне, покажало искуството на земјите кои имаат континуирана сексуална едукација во училиштата: таму младите не стапуваат рано во сексуални односи, поодговорни се, а мал е и бројот на малолетнички бремености.

Затоа, лекарите препорачуваат дека е корисно да се отворат што поголем број психолошки советувалишта за младите, во кои тие може да добијат адекватна психолошка помош и поддршка. Најквалитетниот начин за едукација се предавањата, работилниците, разговорите со здравствените работници…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот