Малограѓански сомнамбулизам

Фото: Архива

Во чест на почитуваниот архитект, урбанист, публицист, критичар, политичар и вонсериски интелектуалец Димитар Димитровски (18.8.1933 – 26.10.2020)

Настапи време во кое мегаломанските и лажни соништа во ситните и празни малограѓански глави јавно се презентираат и се прикажуваат како генијални заклучоци или визии. Се сонуваше и се сонува во таа неизбраздена сива менингитична маса за баснословно лично богатство, за добивка на игрите на среќа, за успех во бизнисот и кариерата, за успешни бракови и „успешни“ вонбрачни авантури, за дворци и вили, за злато и дијаманти, за луксузни автомобили, за напуштање на родната земја…

Триесет години наназад, речиси сите малограѓани мечтаат дека ќе живеат како оној антички Кир, или како современите Рокфелери. И сите преку своите дефектни фантаскопи имаа „ненадминливи“ визии за својот град како – велеград. Како што фактичката состојба стануваше сè помизерна и безидејна, така магионичарските циркуски фантазии и мечти за богата и среќна иднина стануваа сè почести и, за да е уште полошо, сè повеќе фучеа низ етерот од запенавените усти на градските дембели, политичари и дежурни „интернет стручњаци за сè и сешто“ како „генијални“ објави за иднината.

Неспособна елита

Тој кафеански и виртуелно-компјутерски илузионизам на безначајната провинциска елита и неспособна малограѓанштина, немаше никаква реална врска со она што е стварност, ниту со некаква нормална визија за сопствениот живот, а уште помалку со некаква визија за развојот на градот и градскиот живот. Затоа, долги години наназад овој нереален малограѓански сомнамбулизам беше само алатка за ситно профитерство на неколкумина локални политичари и тајкуни, тесно меѓусебно поврзани во заеднички бизнис релации и вплеткани во едно змиско клопче од подлости, измами, предавства, расипаности, измислени јунаштва и нечесни богатства.

И оттука беше можно неуспешни и потпросечни интелектуалци, преоблечени во политичари, во сојуз со сомнителни олигарси и класични криминалци, повеќе од три десетлетија да владеат со градот, а обичните работни луѓе во него катадневно да пропаѓаат. А заедно со нив да пропаѓа и градот, кој, сè повеќе и повеќе, наликува на мизерна и сива касаба преполна со најселските сељаци и збогатена со тони ѓубре по улиците.

Малограѓанското лудачко вербално верглање за „ненадминливата големина и убавина“ на градот, покажуваше и покажува како е можно една, интелектуално и културно жална, малограѓанска стварност, преку автосугестивни флоскули да се претвори во фиктивно и романтично самоперципирање и класичен сомнамбулизам.

Потребен е илустратор

И, за жал, денес, сè уште, покажува како е можно една сива, тешка и материјално бедна реалност, една стварност преполна со економски и материјални мизерии да се возвишува до „благосостојба“ преку магловити и благоглаголиви политикански говори за „славното минато“ и „светлата иднина“. Всушност, во овој наш неолиберален демократски концепт на градски живот, се изредија секакви недоописменети, арогантни и надмени малограѓански снобови да ни кажуваат што е културно и модерно, а градот, од ден на ден, опаѓа и пропаѓа економски, урбанистички, културно, духовно, морално…

Потребен е илустратор или, поправо речено, потребни се виртуозни илустратори на нашиве актуелни малограѓански случувања и состојби. Од политиката до културата. Илустратори што ќе го овековечат хаосот на нашиот современ град, ќе ја илустрираат непрекинатата бучава од возила и викотници, ќе го претстават блескавиот симултанитет на многубројните извори на светла, опишувачи кои ќе ја опишат конфузијата на современата архитектонска смисла и бесмисла, кои ќе го исцртаат метежот на уличната толпа во која вистинските интелектуалци и трудбеници се потценети, деградирани, незабележливи и помешани со блудниците, криминалците и питачите, а чесните и доблесните луѓе се претворени во робови за да обезбедат лесен и луксузен живот за паразитите од градската ситнокапиталистичка класа.

Да, да… Потребни се умешни раскажувачи што ќе го раскажат транзициско-капиталистичкото претворање на градот во урбанистички ќумез, во скомразно место неподносливо за нормален живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот