„Малиот шенген“ не е алтернатива на членството во ЕУ, туку конкретен проект за подобар живот на Западен Балкан

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Лидерите учесници на денешната втора средба во рамки на иницијативата за регионална соработка одржана во Охрид со оценка дека самата иницијатива не е и не треба да се восприема како алтернатива на членството на државите од регионот во ЕУ, туку како активност што е во согласност со европските критериуми, со евроинтегративните процеси, а во насока на подобрување на севкупната соработка на државите од Западен Балкан. Според нив, тоа е иницијатива осмислена да придонесе за полесно движење на луѓе, размена на стоки, бизнис-идеи, капитал, сето во насока на подобрување на животот на луѓето во овој дел од Европа.

За премиерот Зоран Заев Република Северна Македонија и регионот немаат друга алтернатива освен членство во Европската Унија.

-Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, а верувам дека и целиот регион нема друга алтернатива освен членство во Унијата. Но, во тој дел тоа што денеска го работиме е секако да ги искористиме сите потенцијали и можности кои ги имаме пред нас и да го унапредиме квалитетот на живот во целиот регион. Да го доближиме целиот регион и да ги искористиме сите потенцијали што ќе донесе добар живот за сите во целиот регион – рече Заев.

Верувам, додаде премиерот, дека со оваа иницијатива се испраќа многу позитивна порака до земјите членки на ЕУ, дека со зголемување на соработката во регионот со уште подостоинствено внимание треба да се фокусираат овде и да дадат можност за забрзување на процесот на интеграција на целиот регион во Унијата.

-Верувам дека тоа го заслужуваме и дека тоа што го работиме е во полза на целиот регион, но верувам дека е во полза и на Европската Унија – рече Заев.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ нагласи дека релациите Западен Балкан – ЕУ треба да се градат двонасочно, со јасно позиции до двете страни, додека за декларацијата за засилена регионална соработка смета дека ќе биде од полза на сите граѓани во регионот, дека тоа е најдоброто нешто за регионот, иницијатива која, како што рече, нема намера пред никого да ја правда ниту да ја објаснува.

Независно спротивните ставови меѓу држави по конkретни прашања, како што рече, секоја од идеите содржани во иницијативата можат да донесат само бенефит за граѓаните на Србија, и на сите земји од регионот.

-Нема ниту една лоша ставка во документот што може некому да му попречи. Тоа ќе им донесе подобар живот на луѓето тука, ќе донесе и повеќе разбирање за луѓето…Зборуваме за европски интеграции, дека сите сме на европски пат, добра е регионалната соработка, а чекаме 96 часа на граница. Ако гледате дека иницијативата ќе значи подобар живот за вашите граѓани, пријатели и браќа, вие сте добредојдени, доколку не, нема потреба никој да се моли – рече Вучиќ.

Што се однесува на ставот на Франција по однос проширувањето на ЕУ, Вучиќ истакна дека основното што го очекува од Брисел е да каже што се очекува од секоја од земјите на Западен Балкан. Вучиќ, кој утре ќе има средба со претседателот Емануел Макрон рече дека има намера тоа прашање да го постави во име на Србија, но и на Албанија и Македонија, како и отворено да побара поддршка како за европскиот пат така и за односниот проект за регионална соработка.

Албанскиот премиер Еди Рама истакна дека самата иницијатива е паралелен процес на евроинтеграциите, оти во неа нема ништо поразлично од сето она што било дискутирано и усогласено на десетици средби на лидерите од шестте држави од Западниот Балкан одржани по европските центри, процес што ќе значи бенифит за сите граѓани од регионот.

-Ова е иницијатива што не е обврзувачка за никого, туку заедничка трка во остварување на се она за што веќе сме се договарале на сите досегашни средби во рамки на Берлинскиот процес…Се она што на средбата во Париз им го пренесов на канцеларката Меркел и претседателот Оланд, беше прифатено на високо политичко ниво и потоа беше доставено до бирократите во Брисел, потоа истото ни беше вратено на 762 точки што треба да ги исполниме…Наместо да чекаме во ЕУ да си ги усогласат своите позиции, да работиме да ги уриваме ѕидовите, самите да се договориме тука, да вметнеме дух на соработка да разговараме и за нештата за кои имаме различни мислења – рече Рама.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, најважни надворешно-политички цели и приоритети на државата остануваат долгорочна стабилност, траен мир и економски напредок. Претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, истакна дека за БиХ евроатлантските интеграции немаат алтернатива, притоа истакнувајќи дека земјата ќе остане силно посветена и на јакнење на регионалните односи и унапредување на соработката со сите соседни држави од Западен Балкан.

-Важно е на правилен начин да се подредат приоритетите, секоја земја од регионот има свои, тие мора да бидат вградени во регионални иницијативи, а најдобар начин е доколку приоритетите на секоја од државите поединечно можат да се претворат во заеднички интерес. Кога се зборува за било кој вид регионална иницијатива, тука покрај соработка мора мошне сериозно да се вметне и терминот еднакоправност меѓу земјите од Западен Балкан – рече Звиздиќ.

Министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ, истакна дека времето што и е потребно на ЕУ внатрешно да се консолидира Подгорица ќе го искористи за да ги заврши своите национални, а и европски задачи.

-Веруваме дека седумте години колку што сме во преговори за членство суштински го унапредија животот во Црна Гора. Ни останува отварање на Поглавјето осум каде ги исполнивме сите критериуми, на нашите граѓани секојдневно им ги исполнуваме стандардите се во насока на подобар животен стандард. Она што ние очекуваме од ЕУ во наредниот период е преговарачкиот процес да биде двоначочен, да се почтитува секоја од земјите поединечно како и да се вреднува согласно резултатите што ги постигнува, а од друга страна ЕУ да биде присутна во овој дел на Европа и да продолжи одбликсу да соработува со државите од Западен Балкан – рече вицепремиерката на Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот