Малиновски за СП: Ајде да им дадеме пари и сè што им треба на ДКСК, па да цениме колку се борат со корупцијата

Дали ќе се искорени корупцијата во Македонија или не зависи од политичката волја да се создадат квалитетни институции, оценува адвокатот Драган Малиновски, поранешен антикорупционер. Според него, ако има силни институции ќе нема потреба од ад-хок решенија со паралелни антикорупциски системи во Владата.

– Ајде нека им се даде на надлежните инситуции сè што им треба, пари, кадар, сите потребни услови и средства, па после да цениме дали тие успешно работат или не работат. Вицепремиерот за борба со корупција Љупчо Николовски вели дека антикорупциите требало да се жалат на суд кога институциите не ги почитуваат нивните претставки, пријави или одлуки, па, кога еден вицепремиер дава таква изјава за односот на институциите кон Антикорупциската комсиија, што останува за другите? Треба да разбереме дека ДКСК не е формирана затоа што некому му се сонило, туку заради Конвенцијата на Обединетите нации за борба со корупцијата која налага дека секоја држава мора да има независно тело за спречување на корупција. Значи независно тело, а не владино тело – вели Малиновски за „Слободен печат“.

Тој учествувал во изготвувањето на националната стратегија и вели дека таа е солиден документ  што ги опфаќа главните пунктови каде се создава корупцијата и што треба да се третираат.

– Таа стратегија е и законска обврска. Сега се на потег институциите кои треба да ја реализираат. За успешно искоренување на корупцијата најмногу од се е потребна политичка волја и ако ја има, за почеток со тоа може да се компензира што засега нема доволно пари и кадри во институциите. Но, најважно е да се работи на јакнење на нивниот капацитет и кога тие ќе бидат силни, после нема да треба ниту политичка волја, а ниту ад-хок решенија со паралелни системи во Владата – вели Малиновски.

Запрашан дали меѓународната заедница може да помогне или да притисне, особено САД чија амбасада ја поздрави стратегијата и нагласи дека ќе биде фокусирана на тоа како се исполнува, Малиновски вели дека амбасадата на САД многу помогнала, но, „не може тие да го одработат наместо нас она што ние треба да си го завршиме“.

Кучните институции за борба со корупцијата се Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Јавното обвинителство, инспекциските служби и Државниот завод за ревизија, а тие со години наназад алармираат за недостиг на средства и кадар.

Собранието во неделата ја усвои петгодишната стратегија за борба со корупцијата во која е наведено дека најсилни ризици од корупција има во јавните набавки, вработувањата во јавниот сектор, инспекцискиот надзор, издавањето на разни одобренија, решенија, лиценци и дозволи и при доделувањето на грантови, субвенции и друга државна помош. Исто така ризици од корупција има и во финансирањето на политичките партии, влијанието на интересните групи во изготвувањето и усвојувањето на регулативата и во финансирањето на медиумите и граѓанските организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот