Мали лавчиња од Србија прогласени за мртви, но можно е да се шверцувани во Македонија?

Лавицата Кјара со мали лавчиња во зоолошката градина во Србија / Извор: ЗОО Палиќ

Откако медиумите во Македонија дознаа за шверцот со младите лавчиња, за темата се заинтересира и српската зоолошка градина во Палиќ. Директорката на зоолошката градина, Соња Мандиќ, алармира дека голема е веројатноста белото лавче со кое неодамна беа сликани неколкумина наши сограѓани, да потекнува токму од кај нив.

Во ЗОО-Палиќ, летово лавицата Кјара омачила 5 лавчиња од кои едно бело, што е вистинска реткост. Тоа е прв случај во седумте децении од постоењето на оваа зоолошка градина, а е реткост и во зоолошките градини во Европа.

Бидејќи е реткост да се родат толку лавчиња, а лавицата не била во можност да ги нахрани сите, вработените во зоолошката ги зеле за да ги прихранат.

– Вообичаено е лавицата да може да храни едно до две младенчиња, затоа беше потребно да се погрижиме да бидат нахранети. Но, следниот ден вработените по советување со ветеринар ги вратиле во волиерата за групно чување лавови. Веќе следното утро лавчињата ги немало. Ветеринарот на зоолошката тогаш констатирал дека лавчињата ги изел некој од возрасните лавови. Телата на младенчињата никогаш не биле пронајдени, објаснува директорката Мандиќ.

По апелот на портпаролката на скопската зоолошка градина Тина Мицковска дека е можен шверц со мали лавови, тема за која пишуваше „Слободен печат“, кај новинарите од Суботица се јавил сомнеж дека смртта на малите лавчиња во зоолошката е поврзана со снимките во Македонија.

Мандиќ вели дека доколку лавчињата се пронајдат во Македонија, со ДНК анализа многу лесно може да се утврди дали бебињата се на лавицата Киара. Затоа, таа апелира, Зоолошката градина Палиќ да биде известена ако Симба биде пронајден. Но, полицијата досега нема информации каде би можел да биде малиот лав и покрај снимките и фотографиите на кои јасно се гледаат регистарските таблички од автомобилот на човекот кој се фалеше со Симба на социјалните мрежи.

За да се утврди дали е можно лавчињата да бидде украдени, а не изедени, ќе се прегледува содржината од безбедносните камери кои снимале во близина на лавовите.

Од МВР информираа дека е покренато обвинение против кумановецот С.А. а извршен бил претрес и кај друго лице каде се пронајдени препарирани диви животни – тропски мајмун и лебед, но Симба или други лавчиња не биле пронајдени.

Инаку, заради нетранспарентноста во врска со смртта на лавчињата, Петар Савиќ, тогашниот директор на тамошната зоолошка на 20 октомври си поднесол оставка.

Цената на млади лавчиња на црниот пазар достигнува 10.000 евра.

ВИДЕО | Забележан е шверц на мали лавчиња во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот