Мали филмски и дебатни сеанси: Дебатниот филмски клуб продолжува со проекции и дискусии во џебното кино на МКЦ

МКЦ / Фото: МИА

Има едно „дебатно катче“ во Градот убав, кое во средите навечер, со години се собира за да гледа и да разговара за филм. И тоа не за каков било филм, туку за оние со префинет филмски израз. Сценариото за таквите вечери е eдноставно: кино-проекција и филмска дебата (иако понекогаш филмот може само визуелно да се „дигестира“ без да се вербализира).

Коронавирусот за кратко го стави клубот на пауза, но ова мало и отворено филмско друштво продолжува да работи. Локацијата за неформалното креативно филмско ателје, наречено Дебатен филмски клуб е џебното кино во МКЦ. И тоа не е само за филмски „сладокусци“, што уживаат во глазирана филмска естетика, за оние што пишуваат или читаат филмска критика, туку за секој патник-намерник што сака да погледне филм што можеби никогаш не би го гледал, или пак, можеби би го гледал, но немал можност. Насловите се избрани со повод.

За да биде исполнето правилото „цело е кога има сè“, дебатниот филмски клуб, кани режисери, актери, професори, преведувачи… Веднаш по проекцијата следува куса дебата за прикажаниот филм. А мотото е едноставно. „Надоместете го пропуштеното“. Режисерите кои се на „репертоар“ се ликови кои ги „овериле“ филмските приказни со зрел авторски печат. Доаѓаат од разни делови на Европа, имаат различна филмска поетика, различна жанровска и стилска припадност, а некои се „надвор од жанровска конкуренција“, па тешко може да се сврстат во видови и подвидови. А токму за тоа, често и се разговара во Дебатниот филмски клуб.

Не е ништо непознато ако се заклучи дека современиот филм, генерално, сè повеќе се потпира на технолошките иновации и оти по малку ја губи наративната квинтесенција и авторскиот потпис. Селекцијата на филмови во дебатниот филмски клуб е своевидно навраќање кон вредностите на филмовите од поблиската историја. Тоа е приказ на филмови кои на некој начин, и по нешто се посебни. Дали е тоа скокотливата тема, заводливата филмска естетика и техника на снимање, непретенциозноста во пристапот и ненадменоста, или пак, тоа се филмовите зад кои стојат режисери со испечен занает… Е тоа е прашање за репертоарот, кој речиси редовно е маркиран тематски. Но, едно е сигурно: режисерскиот пристап кон уметноста изнедрил филмови што се паметат.

По „A Love Story“, следуваат „Bagdad Cafe“,„Pauline at the beach“,„The Go-Between“,„Women in love“ и „The Cranes are flying“

Така ќе биде и следните месеци. Во октомври, ноември и декември и оваа сезона ќе се гледа и ќе се дебатира за шест филмови од европски режисери кои направиле неверојатна синтеза од сопствента љубов кон филмот, но и љубовта како неодминлива филмска тема. Отворањето веќе се случи со „A Love Story“ на шведскиот маг на филмскиот надреализам, Рој Андерсон, кој е еден од ретките режисери, што според филмските хроники, е прв нордиски автор што освоил „Златен лав“ по оној на Данецот, Карл Теодор Драер во далечната 1955 година.

Следуваат уште пет филмски „тешкаши“ како Перси Адлон со „Bagdad Cafe “ од 1987 година, „Pauline at the beach“ од францускиот режисер, Ерик Ромер. На листата се и „The Go-Between“, напишана од Харолд Пинтер, а во режија на Џозеф Лоузи, потоа „Women in love“ од Кен Расел. Сезоната завршува со советскиот режисер Михаил Калатозов и култниот „The cranes are flying“. Ова се шест различни приказни за една иста тема што од различен агол и со различен режисерски „дурбин“ ја гледаат авторите на филмовите.

За тоа, како пак, на нив гледаат домашните филмаџии, режисери, актери, книжевниците, професори, преведувачи, останува да се чуе по проекциите. Оваа сезона поканети се неколкумина македонски режисери да го раскажат нивното гледање на проектираните филмови. Ако имате желба да бидете дел од оваа филмска приказна во која го „надоместувате пропуштеното“, а имате и можност да чуете што за тоа мислат другите, запишете следен термин: 27 октомври во 20 часот, џебно кино во МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот