Малески за „Слободен печат“: Македонија е храбра и за тешки теми со Бугарија, ама не со уцени

Ако навистина сакаме да се надмине спорот ќе се изнајде модус, а единствена можна правна рамка која ги содржи сите механизми е Договорот за добрососедство, вели дипломатот Огнен Малески за „Слободен печат“, запрашан да ги коментира оценките на бугарски интелектуалци дека сегашната позиција на Софија е неодржлива и дека Бугарија мора да се повлече од Рамковната позиција, од Декларацијата во парламентот и од Објаснувачкиот меморандум со кои ги попречува евроинтеграциите на Македонија и го крши Договорот од 2017 година.

– Како и за сите договори, клучно е колкава е политичката волка тој да се спроведе. До застој во неговото спроведување дојде кога другата страна непринципиелно се обиде да оствари повеќе придобивки за себе надвор од Договорот, што е неприфатливо за нас. Клучно е по составот на идната влада во Бугарија да се отворат можности кон решение. Тоа нема да дојде веднаш по изборите и неблагодарно е веќе по толку еуфорично најавени па пропаднати датуми за нашите евроинтеграции да предвидуваме кога може да се случи пробив, но, мислам дека извесен прозорец може да се отвори оваа година за време на словенечкото претстедателство. Сепак, роковите се кратки, а формулата со која ќе се реши спорот нема да биде едноставна. Но, ќе повторам, клучно е колку ќе има политичка вола – вели Малески за „Слободен печат“.

Тој додава дека Македонија не треба да дава поводи за реакции во Бугарија и дека треба да бидеме внимателни во проценките и очекувањата за наредниот период.

– Клучно е дека со лошо ништо не се постигнува, со блокади и уцени. Ако искрено Бугарија сака напредок треба да тргнеме во соработка, со позитивен тон и во таква создадена атмосфера може да отвориме и да решиме разни прашања, како што сторија Германија и Чешка, Германија и Полска итн. Бугарија самата себеси си прави катастрофа со блокадата и оваа политичка и дипломатска грешка ја плаќа со својот углед. А во Македонија има подготвеност, има и храброст да се отвараат и потешки теми, но за тоа е потребна атмосфера, не може со ножот под грло – вели Малески.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот