Малески: Договор за стратешко партнерство со САД ќе ни помогне побрзо да станеме членка на ЕУ

Огнен Малески, амбасадор / Утрински брифинг

Потпишувањето на стратешки договор со САД не е алтернатива на Европската Унија, напротив, таков договор само ќе ни помогне побрзо да станеме членка и на ЕУ, вели поранешниот амбасадор Огнен Малески во врска со најавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека на 2 јуни со делегација ќе отпатува во Вашингтон, каде ќе ги почне преговорите за стратешки договор со САД.

– Се согласувам со министерот Османи дека се работи за две различни, но сосема компатибилни партнерства, кои не се исклучуваат едно со друго. Јакнењето на македонското партнерство со САД не е отклон од амбицијата нашата земја да стане членка на ЕУ. Напротив, тоа може само да ја забрза евроинтеграцијата, никако да ѝ наштети, имајќи ја в предвид и блискоста на САД со Брисел. Така што, потпишувањето на стратешки договор со САД го гледам апсолутно како помош од САД за нас и нема индиции поинаку да се толкува. Впрочем и во самата ЕУ има земји кои посакуваат и градат посебни односи со САД, затоа што секоја земја си го има правото на самостојно одлучување за својата надворешна политика – вели Малески за „Слободен печат“.

Во врска со потенцијалната помош од САД за тргање на бугарското вето од преговарачката рамка Малески вели дека во овој момент, по инвазијата на Русија врз Украина, САД не можат директно и експлицитно да делуваат, но уверен е дека делува тајната дипломатија.

– САД јавно превзема чекори со кои јасно ја дава својата поддршка за забврзување на македонските евроинтеграции и таа поддршка ѝ е јасна и на Бугарија. Но, јасно е дека работи и тајната дипломатија со цел Македонија во јуни да ги почне преговорите. Да се надеваме дека сепак, некако ќе се склопат коцките и во јуни во Брисел ќе го добиеме датумот за почеток на преговорите, иако гледаме дека Бугарија сака да воведе одложено вето – вели Малески.

Министерот Османи денеска во Утрински брифинг најави дека на 2 јуни ќе ги почнат преговорите за нов стратешки договор со САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот