Мала астро школа: Значењето на астролошките „куќи“ и Сонцето во нив

Сигурно веќе сте слушнале дека нашата натална карта е поделена на 12.астролошки куќи. Секоја, таканаречена куќа во Зодијакот, одговара на еден сектор од нашиот живот. Астролошките куќи играат фундаментална улога во истакнувањето на карактеристиките на нашата личност.

Првата куќа е онаа на Асцендентот и нè претставува нас – како нè гледаат другите, како се претставуваме пред светот. Каква е нашата појавност, нашиот изглед.

Втората куќа ја претставува нашата сопственост, нашите пари, материјалните добра.

Преку третата куќа ги гледаме нашите односи со браќата/сестрите, нашата комуникација со другите, но и ни дава информации за нашите (кратки) патувања.

Четвртата куќа е таканаречена куќа на домот, ни дава информации за нашите родители, потеклото, и воопшто, информации за нашиот дом.

Петтата куќа е Дом на љубовта, на страстите, на децата, на задоволството во сите негови форми.

Шестата куќа е онаа на секојдневната работа и честопати ни дава вредни индикации за здравјето.

Седмата куќа ни дава информации за партнерството, бракот, за нашите врски и здруженија.

Осмата куќа е Дом на наследствата, и секогаш е поврзана со минатото. Исто така, таа е Дом на езотеризамот и сексот. Ако втората куќа ни зборува за стекнати материјални добра, осмата ни зборува за нашите наследени материјални добра. Оваа куќа, исто така, е поврзана со „смртта“.

Преку деветтата куќа го гледаме нашето високо образование, мистицизмот, религиозноста, (долгите) патувања, релациите со странци и странство, но таа ги претставува и нашите идеали.

Десеттата куќа ги претставува нашите аспирации и самореализација. Таа е куќа на нашата кариера. Луѓето со голема харизма и успешните луѓе често имаат повеќе планети позиционирани во оваа куќа.

Единаесеттата куќа е Дом на пријателствата и на нашиот социјален живот. Исто така, поставеноста на планетите во оваа куќа ја симболизираат нашата љубов кон светот.

Дванаесеттата куќа ја симболизира нашата изолација (од оваа причина е поврзана со затвори или болници). Таа е Дом на нашите тајни, на нашите соништа и на несвесното во нас, но исто така ја претставува нашата грижа кон другите.

Ајде сега да преминеме на значењето на наталното Сонце во 12-те астролошки куќи во нашата натална карта.

Што значи да се има Сонце во 1 куќа: Одлична позиција која дава физички убави личности. Личности кои знаат да бидат во центарот на вниманието и да ги достигнат целите што си ги поставуваат. Со ваква поставеност на Сонцето имаме и личности со нагласен нарцизам и самоцентричност, личности кои настојуваат секогаш да бидат подобри од другите.

Сонце во 2 куќа: Бидејќи оваа куќа е поврзана со парите и со нашите материјални добра, затоа ваквата поставеност на Сонцето обично дава луѓе кои немаат финансиски проблеми. Поточно, личности кои лесно можат да заработат пари.

Сонце во 3 куќа: Ваква поставеност на Сонцето имаат личности кои одлично комуницираат со другите, добри писатели и новинари, но исто така, личности кои имаат одлични односи со блиските роднини, особено со браќата/сестрите. Сепак, дава и личности кои имаат тенденција да доминираат.

Сонце во 4 куќа: Силна приврзаност со семејството и домот. Ваквата поставеност на Сонцето дава личности кои се одлични во секторот на недвижнини.

Сонце во 5 куќа:  Уметнички личности или одлични спортисти. Многу креативност и имагинација. Одлични односи со децата и добра предиспозиција за забавен и социјален живот.

Сонце во 6 куќа: Ова е одлична позиција за оние што работат за други и не сакаат да бидат лидери. Ваквата поставеност на Сонцето обично обезбедува грижа за сопстеното тело и воопшто добро здравје.

Сонце во 7 куќа: Обично дава личности кои не знаат да се чувствуваат добро самостојно, туку секогаш си бараат партнер. Личности на кои им е важно заедништвото и партнерството воопшто. Успешен брак, успешна работа во јавност и добри политичари.

Сонце во 8 куќа: Ги фаворизира финансиските или наследни прашања поврзани со семејството. Интерес за окултизам. Понекогаш дава личности кои со мислите се преокупирани со сексуалноста или смртта.

Сонце во 9 куќа: Личности кои многу патуваат, кои одлично комуницираат со странци/странство. Ваквата поставеност на Сонцето обично дава личности со многу високо образование, но дава и личности кои се заинтересирани за религиозните теми.

Сонце во 10 куќа: Во куќата на професијата и социјалниот успех, Сонцето ја нагласува кариерата на личноста. Обично, ваквата поставеност гарантира успешни и познати личности.

Сонце во 11 куќа: Со ваква поставеност на Сонцето се личности кои имаат голема доверба во пријателствата и кои воопшто, имаат многу пријатели.

Сонце во 12 куќа: Тенденција за изолираност но и фантазери. Многу воздржани луѓе кои немаат желба да направат релација со другите, повлечени личности со богат внатрешен свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот