„Мал Шенген“ за економијата, голем за политиката!

Српскиот претседател Александар Вучиќ уште во Њујорк за време на Генералното Собрание на ОН ја обзнани идејата за потесно економско поврзување на земјите од Западен Балкан.

„Имав важен состанок со Еди Рама и со Зоран Заев на кој ја обединивме идејата за слободен проток на стока и услуги и ги очекувам на 9 и 10 во Нови Сад. Сметам дека е многу важно што ја инициравме идејата за регионална соработка. Сакаме економски да се поврземе и на тој начин да излеземе пред ЕУ но и пред дугите како заеднички блок“, изјави тогаш Вучиќ.

Од тогаш, оваа идеја доби и неформален назив „Мал Шенген“, кој особено во Србија медиумски се експонира.

Но, засега нема подетални појаснувања дали тоа се однесува „само“ на економските субјекти или тоа ќе има импакт и врз режимот на движење на граѓаните.

Како и да е, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, смета дека проектот треба да се реализира што поскоро и дека слични проекти се покажале како успешни во други европски региони.

„Идејата за т.н. „Мал Шенген“ практично значи пазар без бариери, каде нема веќе стоката да чека на граница и по два дена како досега. Економските односи со Албанија и со Северна Македонија одат во таа насока, а секторот трговија и услуги е во постојан пораст“, вели Чадеж.

И потпредседателката на Владата, Зорана Михајловиќ, оценува дека Унијата значи подобар живот за сите граѓани.

„Овде не станува збор за нова Југославија, во прашање е чист економски интерес за сите држави, да ги тргнеме царинските и трговските бариери. Србија е по обем најголема економија на Балканот, но имаме ограничувања и покрај договорот со ЦЕФТА и покрај билатералните напори да се омекнат границите и ублажат некои бариери. Според Светска банка сите имаме огромни загуби заради тие бариери“, оценува Ковачевиќ.

Од Стопанската Комора на Македонија не се изјаснуваат по оваа идеја за потесна економска соработка на стопанските субјекти од нашата земја со останатите од другите балкански држави, а став не успеавме да добиеме ниту од Сојузот на стопански комори.

Засега, македонската Влада ја подржува идејата на претседателот Александар Вучиќ за укинување на економските бариери помеѓу Србија, Македонија и Албанија и гледаат на тоа како единствена можност да се интензивира меѓусебното поврзување и да се забрза интеграцијата на регионот во ЕУ.

„Оваа иницијатива ќе влијае на брз и непречен проток на луѓе, роба и услуги, смалување на трошоците на бизнисмените и граѓаните, зголемување на извозот, како и развој на туристичкиот потенцијал“, објасниле од македонската Влада на прашањето на Танјуг за подготвеноста да ја подржат идејата за формирање на „мал шенген“ за настап спрема трет пазар.

Инаку идејата за „Мал Шенген“ секако дека звучи логична од економски аспект, па дури и политички како обид за регионално поврзување додека сите заедно чекаме на полноправно членство во Унијата, кое може да трае и десетина години. Но мора да се каже дека сепак нема да биде едноставно да се надминат разликите во интересите на секоја земја одделно. Имено тие и сега се члнеки на ЦЕФТА па работите не секогаш функционираат без проблеми. Познати се царинските бариери кои една со друга си ги поставуваат државите од Балканот секоја година без исклучок, а потоа политички преговараат за надминување на спорот.

Економските недоразбирања во екстремни политички времиња стануваат политички проблем од врвен приоритет. Да не заборавиме дека Србија и Косово во овој момент на преговори за конечниот статус на Косово се во пат позиција токму со воспоставувањето царински бариери на српските производи од страна на косовската Влада. Таквата одлука на косовските власти беше црвената линија од која не отстапуваа во притисокот кон Србија но и кон меѓународната заедница за позиционирање во преговарачкиот процес кој токму поради таа одлука е блокиран. Оттаму разбирлива е иницијативата на Србија за бајпасирање на Косово со формирањето „Мал Шенген“ на земјите од Западен Балкан, а особено со Албанија и со Македонија преку кои би имала излез на море и полесна комуникација со Грција.

Па сепак, доколку тоа не е на штета на останатите учсеници во здружувањето за настап кон трети земји, нема зошто да не се прошири т.н. Унија за која ќе се говори во Нови Сад за неколку денови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот