„Мал шенген“: Што подразбира, кого вклучува и кога е следниот состанок

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

„Малиот шенген“ подразбира повеќе конкретни мерки, кои на просторот на три земји од регионот ќе обезбедат целосна слобода за движење на стоки, луѓе, услуги и капитал, што е една од темелните вредности на Европската Унија.

Еден месец по започнувањето на иницијативата за „слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал“ меѓу Македонија, Србија и Албанија на трилатералниот состанок одржан во Нови Сад, ист таков состанок се одржа и вчера во Охрид, на кој претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама постигнаа договор за конкретни мерки кои ќе допринесат за развојот и растот на трите земји.

Што подразбираат донесените мерки?

„Малиот шенген“ подразбира повеќе конкретни мерки, кои во трите земји од регионот ќе обезбедат целосна слобода за движење на стоките, луѓето, услугите и капиталот, што е една од темелните вредности на Европската Унија.

– договорено е да се воведе систем кој би овозможил патување меѓу земјите само со лична карта, заеднички работни дозволи кои ќе им овозможат на луѓето да работат во сите три земји без дополнителни процедури, а патувањето без пасош меѓу Србија и Албанија можеби ќе се реализира до крајот на 2019 година.

– мерката за „мини Шенген“ ќе им овозможи на странците во земјите-членки на иницијативата да патуваат без дополнителни визи кога влезат од една во нив, што се верува дека ќе ја зголеми бројката на странски туристи и ќе овозможи формирање на заеднички туристички понуди и рути.

– заеднички работни дозволи и признавање на квалификациите и дипломите, без дополнителни процедури, што би обезбедило можност за движење на работната сила, нешто што се верува дека ќе ја подигне достапноста на работната сила, а со тоа и атрактивноста на целиот регион за странските инвеститори.

– размена на студенти.

– заеднички проекти за истражување и развој.

– воведување на 24-часовно работно време на сите инспекциски служби на границите, со акцент на фитосанитарната и ветеринарната инспекција, што ќе го намали времето на чекање на камионите со стоки, а слободен тек на робата ќе има повеќе ефекти и ќе ја подигне конкурентноста на целиот регион во кој живеат околу 12 милиони луѓе.

– единствен „пакет“ на документација која е потребна за транзит на робата, со акцент на воведување на системи во кои се помалку се користи хартија, кој би бил во склад со стратегијата за дигитален развој.

– измени на законите од областа на пазарите на капитал, даночниот и финансискиот систем во сите три земји, со цел да се создадат услови за непречен тек на капиталот.

– понатамошно засилување на прекуграничната соработка во областа на борбата против транснационалниот криминал и тероризам, низ соработка во областа на миграцијата и помош при вонредните ситуации.

– дефинирање на сопствени правила во многу области, со цел унапредување на активностите на трите земји и сорабока, со што оваа иницијатива може да стане најважна политичка иницијатива во 21 век.

Кои земји ги вклучува „малиот Шенген“?

Во Нови Сад пред еден месец беше договорена конкретизација на иницијативата која треба да ја зајакне економијата на Македонија, Србија и Албанија и да ја зголеми нивната атрактивност за инвеститорите.

Лидерите на трите земји тогаш се обврзаа со заедничка Декларација за воспоставување на слободен протек на луѓе, стока, услуги и капитал на Западен Балкан и дека ќе работат на унапредување на регионалната соработка, со цел поголем економски раст, привлекување на инвестиции и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.

Иако за оваа инцијатива се зборува само во Македонија, Србија и Албанија, наскоро се очекува идејата да добие одобрување и кај претставниците на Црна Гора и Босна и Херцеговина, поради што на вчерашниот состанок на Заев, Вучиќ и Рама се придружија и претседавачкиот министер на Советот на БиХ Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ.

Кога е следниот состанок?

Следниот состанок на лидерите од Западен Балкан ќе биде одржан на 21 декември во Драч, а на тој самит ќе биде присутен и претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеф Борел. Премиерот на Албанија Еди Рама, меѓутоа, во обраќањето по состанокот во Охрид, рече дека „во Драч би сакал да ги види Црна Гора и БиХ кои ќе сакаат да влезат во овој цел процес“, но и дека „во процесот треба да биде вклучено и Косово“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот