Мал шенген е корисен, ама само како вовед кон ЕУ

Фото: Слободен печат

Членството на Македонија во Европската Унија нема алтернатива, повторуваат едногласно сите политички фактори во земјата, но алтернативата наречена Мал шенген за земјите од Западен Балкан залетано јури кон целта. А целта, барем декларативно, е силна економска соработка помеѓу Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, зачинета со минување на границите со лични карти, зголемена мобилност на стоки и услуги и отворен пазар. Ова, како што сметаат македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, треба да ги направи овие земји значаен економски, па и политички фактор во Европа.
Според тројцата лидери, иницијативата не е замена за ЕУ, ниту нова Југославија, туку активност што е во согласност со европските критериуми и со евроинтегративните процеси, со цел да се подобри севкупната соработка на државите од Западен Балкан.

– Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, а верувам дека и целиот регион нема алтернатива. Работиме на тоа да ги искористиме сите потенцијали и можности што ги имаме пред нас и да го унапредиме квалитетот на живот на граѓаните во целиот регион. Верувам дека со оваа иницијатива се испраќа многу позитивна порака до земјите членки на ЕУ – рече Заев.

Само економски или и политички блок?

 

Дали иницијативата за Мал шенген е само кондициски „тренинг“ за меѓудржавна соработка со кој за балканските земји се подготвуваат за ЕУ или е еден вид трајно решение за државите на кои ЕУ засекогаш им ја затвора вратата, ќе стане малку појасно денеска, по средбата на претседателот Стево Пендаровски со францускиот колега Емануел Макрон во Париз, како и по средбата на српскиот претседател Вучиќ. Пендаровски најави дека ќе му повтори на Макрон оти нашата евроинтеграција нема алтернатива и ние ќе продолжиме по европскиот пат колку и да се менува методологијата за проширување. Вучиќ, пак, кој за Малиот шенген смета дека во последните 30 години не е смислено ништо подобро на Балканот, денеска од Макрон очекува поддршка за оваа иницијатива, како и повеќе детали за новата методологија за проширување на ЕУ на која инсистира францускиот претседател и заради која Македонија и Албанија минатиот месец не добија датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– Сакам да разговараме за оваа иницијатива. Ќе барам од него и ќе молам за поддршка, бидејќи кога тоа ќе го имаме, ќе создадеме потполно нови услови и тоа ќе ни биде еден од изворите на забрзан раст во следните години. Ако добиеме поддршка, нема да биде лесно сето ова да се сруши. Веројатно никогаш не ни биле поважни разговорите со Макрон отсега – рече вчера Вучиќ пред заминувањето во Франција, нагласувајќи дека со премиерите на Македонија и Албанија се согласиле да ја туркаат иницијативата напред, без разлика на притисоците, кои, како што рече, заради квалитетот и важноста на донесените одлуки очекува да стасуваат од сите страни.

На долг рок регионот нема друга можност

 

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека засега е рано да се анализира дали ова иницијатива е замена за членство во ЕУ.

– Точно е дека има такви идеи и стравувања, дека една ваква мини унија може да ги задоволи аспирациите и на земјите внатре и во самата ЕУ и тоа да биде замена за полноправното членство. Но, треба да се има предвид една работа, дека Малиот шенген ќе биде од сите страни обиколен од земји-членки на НАТО и на ЕУ и на долг ток е неодржливо да биде надвор од нив, така што на долг рок, тие земји навистина и немаат алтернатива освен НАТО и ЕУ. Втора работа е што позициите на земјите од ЕУ ќе станат појасни по следниот нареден самит. Сметам дека ЕУ ќе се прилагоди на барањата на Франција, но од друга страна Макрон не очекуваше толку негативни реакции на неговото „не“ за проширувањето, па може да има и одвојување на Македонија и Албанија итн. – вели Арсовски за „Слободен печат“.
Европските медиуми веќе се полни со анализи и предвидувања дека иницијативата за Мал шенген може да биде начин како да се задоволат земјите од Западен Балкан на начин да не влезат во ЕУ, туку само пошироко да соработуваат со европскиот блок. Во интервју за Дојче веле на македонски јазик аналитичарот Димитар Бечев од Бугарија вели дека е битно да се развива регионалната соработка, но потесна интеграциjа како што е шенген во рамките на ЕУ не е изводлива идеja. Тој се надева дека мотивацијата за оваа иницијатива е само економска, но одредени изjaви од страна на францускиот претседател Макрон и други политичари во ЕУ покажуваат дека во Европа се бараат алтернативи за Западен Балкан, што значи дека иницијативите кои се од економски карактер, можат да се искористат политички.

– Јас лично мислам дека процесот на проширување нема алтернатива. Исто така и дека регионалната соработка односно интеграциjа е дел од тоj процес. Но, jасно е дека самиот процес е напорен, има многу проблеми внатре во земjите во Западниот Балкан, а и во ЕУ и на краjот резултатите, во смисла на реформи и владеење на правото, не се охрабрувачки – вели Бечев и очекува напредок кон проширувањето следната, затоа што, како што вели, Франциjа не може еднострано да блокира долго време.

Мицкоски: Треба да се подобрува квалитетот на животот, ама мораме во ЕУ

 

За нас нема алтернатива освен она кое што го зборуваме цело време, а тоа е полноправно членство во ЕУ, рече вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Секоја можност која Македонија може да ја искористи за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните треба да се искористи, но тоа се решава со билатерални договори – смета Мицкоски.
Тој рече дека нема информација какви се одлуките и што се разговарало на трилатералната средба викендов во Охрид и додаде дека за време на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски побарал објаснување.

– Тогаш добив објаснување од две реченици кое буквално не беше ни на ниво на енциклопедиско објаснување, а камоли за некакви суштини. Според тоа, од она што можеме да го слушнеме на нивните прес-конференции и од она што циркулира во јавноста, не можам да извлечам точен заклучок за што точно се работи, ниту пак имам каква било информација, но ќе повторам, за Македонија не постои друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот