Мал чекор на Мицкоски, огромна штета за државата

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Можно ли е да се ревидира, да се промени или целосно да се поништи Преспанскиот договор и каква цена ќе плати Македонија на меѓународната сцена со таков потег?

Ако на предвремените парламентарни избори на 12 април опозициската ВМРО-ДПМНЕ освоела двотретинско мнозинство, тогаш според нејзиниот лидер Христијан Мицкоски ќе се отворела можност за враќање чекор назад во врска со Преспанскиот договор. Овој став, без поконкретно да објасни на каков чекор назад мисли, Мицкоски го повторува со месеци и истовремено нагласува дека Македонија мора да се најде на брзата лента за членство во ЕУ, а потоа однатре да ги коригира грешките. Овој став тој го повтори и вчера во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна телевизија.

– Нашиот став е повторен 100 пати, единствениот начин да се создаде можност за чекор назад со Преспанскиот договор е ако освоиме двотретинско мнозинство пратеници – рече Мицкоски.

Премиерот Зоран Заев вчера возврати дека ако Мицкоски дојде на власт, сигурно ќе го поништи не само Преспанскиот туку и договорот со Бугарија, но токму затоа немало да дојде на власт.

– Не се сомневам дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе направат сè да го поништат Преспанскиот договор, но треба да им кажат на граѓаните дека тоа ќе нè врати назад на патот на интеграциите во ЕУ и во НАТО. Ќе нè скара со соседите, ќе има рефлексии во економијата и тоа треба да го каже. Тој вели дека е Македонец од Македонија што го говори македонскиот јазик. И јас како Заев сум Македонец и ја нарекувам државата Македонија, но како државник сум Македонец од државата Северна Македонија. Важно е да бидеме сериозни во политиката. Каква и да им е алчноста за власт и победа, тоа е недозволиво, се работи за државата и за граѓаните – рече премиерот Заев и додаде дека овие договори носат економски бенефит за сите граѓани.

Според СДСМ, со овие изјави Мицкоски само потврдува дека е против интеграциите во НАТО и ЕУ.

„Најавите дека ќе го поништел Договорот од Преспа се директна закана за нашето членство во НАТО, затоа што Договорот беше последниот клучен услов. Мицкоски отворено зборува дека работи против НАТО, против стратешките цели на државата и нејзините граѓани. Тој и ВМРО-ДПМНЕ се најголемата закана за државните и националните интереси. Следејќи ги насоките од Будимпешта од неговиот ментор Никола Груевски, Мицкоски најавува враќање назад во изолација, во режим и неизвесност“, се вели во партиското соопштение.

Според аналитичарите, промена или поништување на Преспанскиот договор се можни. Марко Трошановски од Институт за демократија „Социетас цивилис“ вели дека изјавите на Мицкоски се предизборно ветување за привлекување на гласачите, кое повеќе служи за додворување отколку што е реално изводливо.

– Договорот може да се промени со референдум што би имал обврзувачко дејство и со квалификувано мнозинство во Собранието. Проблемот е што такво нешто ќе има последици и ќе го уништи меѓународниот углед на нашата држава. Евентуалната таква одлука не може да го загрози нашето членство во НАТО, и тоа не поради тоа што Алијансата нема механизми да нè исфрли, туку нема да го дозволи тоа затоа што не ѝ одговара да се наруши безбедносната линија што се создава со нашето членство. Но, нашето членство во ЕУ ќе биде завршена приказна и таму вратите ќе ни останат засекогаш затворени. Секако, можеме да добиеме и тужба пред Меѓународниот суд на правдата. Ако го вратиме нашето старо име за меѓународна употреба, тогаш би требало повторно да пристапиме кон Обединетите нации, каде што може да се соочиме со блокада од Советот за безбедност. Така, најмногу што може да се направи е да се врати претходното име на државата само за внатрешна употреба. Секако, Грција никогаш нема да се согласи со промена и од таа страна треба да очекуваме секакви реакции – вели Трошаноски за „Слободен печат“.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, вели дека Договорот треба да се релативизира и да се ревидира.

– Судбината на Преспанскиот договор не зависи само од двотретинското мнозинство, туку и од политичката спремност тој да се ревидира. Има повеќе можности. Прво е игнорирање на одредбата за ерга омнес на сличен начин на кој Грција ја спроведуваше единствената позитивна работа за Македонија од Привремената спогодба, која се однесуваше на попречување на нашите евроатлантски интеграции. Добивме и судска пресуда во наша корист и ништо од тоа. Зошто и Македонија да не се однесува исто? Тоа би била првата фаза од релативизирање на Договорот, а би следувале и уште две, во согласност од условите, меѓу кои спаѓа и двотретинското мнозинство – вели Никовски и додава дека сите наши потези поврзани со договорот од Преспа по влегувањето во НАТО не може да предизвикаат никакви последици по нас и нашето членство во Алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот