Максимум манипулации со минималецот

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

И зголемената минимална плата од 15.194 денари на 18.000 денари е ниска за да се преживее. А уште „пониски“ се заканите од газдите дека поради тоа ќе делат откази, додека за себе сами си одредуваат максимална плата и си делат дивиденди.

Секоја најава за корекција на минималната плата работодавачите ја дочекуваат со реакција како да си им брцнал прст во око. Нивниот отпор е драматичен и бара соодветен одговор, бидејќи постојано се жалат дека немаат доволно работници и дека никој не сака да седне зад машините. Па и да се согласиме дека зголемувањето на минималецот е политички мотивирано, јасно е дека е неопходно ако навистина сакаме зголемена економска активност, продуктивност и извоз. Дали е доволна минималната плата од 15.194 денари, колку што e сега? Не е. А, дали ќе биде доволно таа догодина да изнесува 18.000 денари? И овде одговорот е негативен. И двете суми се срамно ниски и недостојни за да се преживее. Ама исто така е недостојно да се заканувате со откази, затоа што се бара одврзување на ќесето, онака како што прават газдите кога за себе си одредуваат плата и делат дивиденди. За жал, нема прецизни податоци колку точно работници примаат минимална плата, но неофицијално, околу 70 отсто од примателите на плата имаат износ понизок од просекот!

Ако во моментот има што да се замери на најавите за зголемен минималец, тогаш тоа би бил лошо избраниот момент. Откако се обзнани дека Синдикатот, работодавачите и Владата ги почнале преговорите за темата, властите побрзаа да се пофалат дека целат не само кон пораст на платата, не само на минималната, туку и на просечната. Браво за Владата. Арно што им текна помеѓу два изборни круга, среде страотна пандемија, среде енергетска криза… Од Организацијата на работодавачи, веднаш изреагираа дека зголемувањето само на минималната плата во компаниите може да предизвика незадоволство кај работниците што се издвојуваат по својата ефективност. Од Владата ја вратија топката со потврда на најавите на премиерот Заев дека до крајот на годината минималната плата ќе биде 18.000 денари и дека тоа било утврдено низ дијалог и во согласност со социјалните партнери. Минималната плата последен пат беше зголемена во средината на 2020 година. Просечната плата за август изнесува 28.642 денари, што значи дека минималната плата во земјава е 53 отсто од просечната.

Синдикатот веќе две години бара минималецот да изнесува 60 отсто од просечната плата, но граѓанските здруженија предупредија дека ако покачувањето на минималната плата повторно е со политичка одлука, а особено во време на ваква глобална економска криза, нема да донесе ништо добро. И дури тогаш ќе има откази и затворање на малите фирми. Се нотира и уште една лоша страна на ваквото зголемување со декрет, а тоа е потребата од ново буџетско субвенционирање на приватните фирми, што е потенцијален ризик за злоупотреба на државните пари. Во ист кош може да се стави и проблемот на кој се укажува подолго време, а тоа е системот за исплата на бруто-плата. Тој стана извор на исплата на помалите суми од минималната плата, па дури и по неколку денари.
Македонија има одлични закони, ама и одлични манипулатори што секогаш знаат да „летаат ниско, под радарот“. Така и по десетина години има газди кои го заобиколуваат системот, а сите паѓаат во несвест кога се пишува за исплати под законски загарантираната минимална плата. Ич да не се чудите. Заборавивте дека оние што ја злоупотребија и државната помош за исплата на платите во здравствената криза поминаа неказнето!? Затоа, залудни се ветувањата дека платите ќе бидат над 1.000 евра, ако не се смени системот, кој толерира исплата на плата без придонеси и под законски загарантираниот минимум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот