13 C
Скопје

Максимална мака со минимална плата

Цената на челикот за една година е зголемена за 80 отсто, на дрвото за 20 отсто, на иверката за 25 отсто, на битуменските масла за 20 отсто… Зголемувањето на трошоците за градење, мораториумите, неревидираните детални урбанистички планови, како и зголемената побарувачка, ќе ги поскапат становите. Но, има уште нешто што ќе влијае врз зголемување на цената на квадратниот метар, за кој се прогнозира дека во луксузните градби во центарот на градот ќе надмине и 2.000 евра, а тоа е зголемување на трошоците за плата поради растот на минималната плата.

Токму така, ни срам ни перде, се спомена минималната плата. Онаа од едвај 15.194 денари! Па, зарем треба некој цел ден да виси на скеле или да меша малтер за помалку од 15.194 денари месечно?! Ако веќе навистина некој така мисли, барем нека не го кажува гласно – многу боли да се слуша.

Фактите, пак, зборуваат дека дури и тој износ на минимална плата постојано се злоупотребува. За тоа алармира Сојузот на синдикати од каде што велат дека минималната плата според закон е основна плата, а дополнително треба да се плаќа прекувремена работа, работа за празници, минат труд… но, најчесто не се плаќа. Од ССМ барат и минималната плата да биде 60 отсто од просечната нето плата во државава и велат дека тоа е европска пракса. Но, на работодавачите за европската практика им се слуша само кога тоа ним им одговара, а овој пат не им одговара. Владата, пак, како добар партнер на бизнис-заедницата, како и што се декларира, нема да напише закон со кој тие не се согласуваат.

Куповната моќ на минималната плата, од која главата ги боли менаџерите и газдите на голем дел од компаниите, е поразителна. Минималната потрошувачка кошница за март е 33.772 денари. Ова се всушност неопходни трошоци за едно четиричлено семејство што ССМ ги пресметал по овие параметри: семејството живее во стан од 60 квадратни метри, купува поевтина храна, најевтини средства за чистење и нема возило. Веројатно е време ССМ да ја надгради кошница затоа што во нејзината структура недостигаат трошоци за информатичко-комуникациските технологии, а тие веќе се задолжителни (нели наскоро ќе имаме и е-книги во образованието?). Значи, трошоците се и повеќе од 33.772 денари за еден месец, но, за жал, дури и вака пресметаната синдикална кошница не се покрива со две минимални плати.

Многу од стопанствениците го имаат в рака аргументот дека сега не е момент да се зборува за минималната плата затоа што е пандемија и едвај опстојуваат. Но тоа „едвај“ многупати досега го слушнавме. Уште во 2017 година кога се зголеми минималната плата од 9.000 денари на „драматични“ 12.000 динари од сите страни се слушаше дека стопанството тоа не може да го издржи, дека огромен процент од фирмите ќе стават клуч, но сепак не ставија. Значи можело да се даде и повеќе од 30 проценти поголема плата. Се сложувам дека германскиот „локдаун“ во време на пандемија доведе до тоа да  нема нарачки за текстилната индустрија, дека домашниот „локдаун“ ги затвори угостителите и дека глобалниот „локдаун“ ги онеспособи туристичките агенции, како и компаниите од многу други сектори. Но, тоа е друга приказна и таа не смее да се меша со законската минимална плата. За економските последици од пандемијата, тука е државата за да помогне. Сепак, да не заборавиме дека и со пад од 4,5 проценти во однос на претходната година, во 2020 година е создаден бруто-домашен производ од 10,8 милијарди евра. Тоа е резултат на инвестирање, претприемништво, менаџерски способности и клучно – тоа е резултат на трудот на работниците, без кој ништо не би се реализирало.

Поврзани вести

Успорената демографија нема да ја сопре Кина

Гидеон Рахман/Financial Times

Балканците не се пасивно мнозинство и сакаат во НАТО!

Алмир Бичакчиќ/ Ослобоѓење

Македонија има и втор олимпиец, Дејан Георгиевски обезбеди норма за ОИ во Токио

Слободен печат

План за финансирање на забрзан економски раст: 5%стапки на раст на БДП, нови инвестиции и стабилен јавен долг

Фатмир Бесими

Еколошки остров: Вештачко островско одморалиште ќе се гради од пластичен отпад собран од океанот

Слободен печат

Зошто земјите кои му дозволуваат на вирусот да дивее можат да го загрозат целиот свет?

Слободен печат

Остави Коментар