Макс фон Сидов: Екстремно моќно и неверојатно едноставно

Шведскиот актер со светска слава, МАКС ФОН СИДОВ, почина на 9 март на 90-годишна возраст, остварувајќи во текот на седум децении фасцинантна кариера од над 150 улоги и тоа во сите жанрови и на бројни јазици. Тој беше толку нетипичен лик, исклучителен актер, кој како да доаѓаше од друга планета, бидејќи ништо што беше вообичаено за него не важеше. Едноставно, легендата, митовите, мистеријата ги носеше во себе и умееше од секоја улога да направи незаборавен лик. Таков и ќе го паметиме, додека се обидува со партија шах да ја надмудри Смртта…

Макс фон Сидов (1929-2020) беше еден од ретките актери кој имаше 70-годишна кариера. Швеѓанец по потекло, кој не само што изгради толку плодна и респектабилна меѓународна кариера, туку некако се чини дека беше вистински граѓанин на светот. Особено кога станува збор за неговата уметност, актерството, тој беше филмски, театарски и телевизиски актер кој играше на толку многу сцени и на толку јазици што е невозможно да се набројат. Исто како и неговите улоги. Неговата кариера е толку разновидна, тој можеше да игра сè, од крал до слуга, од витез до негативец, од борбен и страствен до вистински аскет, од стамен и достоинствен до стриповски јунак, кој постојано сакаше да открива нови светови. Затоа можеби и неговата кариера е единствена, бидејќи се чини само тој можеше од Бергмановите комплексни и психолошки филмови да игра во такви блокбастери како „Игра на троновите“ или „Ѕвездени војни: Силата се буди“. Но, она што е интересно, е што во сите нив беше толку свој, толку убедлив, толку единствен, давајќи им една митска величина, давајќи им мистерија, давајќи им таква гордост и авторитарност, кои едноставно ги носеше во себе.

принтскрин

Имаше Макс фон Сидов во себе таква величественост, а сепак толку лесно можеше да се трансформира. Неговата појава отсекогаш оддавала стабилност, верба, стаменост, самоувереност, оддаваше некоја таква достоинственост и сигурност, која го носеше вон границите, имаше во него нешто навистина недофатливо, па дури и митско, без оглед што можеше да одигра сè, а тоа да не доведе до некаква банализација или евтина пропаганда. Напротив. Секоја негова улога, мала или голема, се паметеше. Навистина, особено во Холивуд, одигра доста споредни улоги, но некако неговата особеност во тоа многу повеќе и се вклопуваше, бидејќи не беше тој оној лик од соседството кој реално се бори за некаква егзистенција, не, тој повеќе беше митски, надреален лик, лик кој умееше секогаш на филмот да му даде една поинаква тежина. Неговата појава беше силна, некој кому му верувате, кој е моќен да го направи и невозможното, кој е способен да ве одведе до некакви екстреми, да ве одведе во такви нови, неверојатни, поинакви светови, каде што дури и стварноста делува нестварно.

Зборуваше тој и самиот дека денеска сцената е сосем поинаква, дека за разлика од порано кога сè некако беше подредено на имагинацијата, кога сè беше помалку нестварно, стилизирано, сега акцентот многу повеќе се става на реалноста. „Сценската позадина во 1940-тите и 1950-тите беше поинаква, денеска не би можел оние Бергманови дијалози кои беа многу стилизирани да ги зборувам во едно такво ‘реално’ окружение“, зборуваше Фон Сидов. Факт е дека тој својата меѓународна слава ја постигна токму преку филмовите на шведскиот маг на филмот, Ингмар Бергман, и интересно е дека тие и денеска ја носат истата актуелност на прашањата со кои Бергман се занимава, но не и на стилот. Да, тоа е сосем поинаков стил, кој го одразува и времето, но и внатрешниот свет на авторот, па сепак, Бергман направи такви дела кои не случајно се бесмртни, дела во кои зборува за оние вечни прашања за животот, прашања кои отсекогаш го мачеле човекот за земниот и божествениот свет, за минливоста, за траењето, за човекот наспроти смртта, за неговите слабости, за господ и за ѓаволот. Тоа се филмови кои и денеска можат да се гледаат иако стилот е поинаков, но тоа не ги прави помалку важни. Така некако е и со Макс фон Сидов, тој беше нивниот совршен протагонист, кој толку добро умееше да го донесе она легендарното, да го донесе божественото, да го долови безграничното, но на свој начин да се прилагоди и на времето, и да трае, носејќи го како и филмовите, вечното, дамнешното, носејќи ја цврстината, храброто, истрајното, неповторливото, она што не изминува…

IMDB

Не можете кога зборувате за Макс фон Сидов да ги наброите само неговите филмови. Не, тој беше многу повеќе од тоа. Неговата игра, неговата појава, неговите пораки ги надминуваат границите на сцената, на екранот, на времето, тоа едноставно зрачеше од него. Не случајно Бергман ќе го ангажира Фон Сидов во дури 11 негови филмови, но она што е интересно, е дека иако тие филмови ја одбележаа неговата кариера, тој покажа дека сигурно не може да се сведе само на тоа, бидејќи кај големите актери улогата сепак не е таа што ве одредува, туку обратно.
Навистина, кога ќе се спомене Фон Сидов првото на што сите се сеќаваат е легендарната сцена од ремек-делото на Бергман, „Седмиот печат“, кога овој скандинавски витез ќе ја предизвика Смртта на партија шах, обидувајќи се да ја надмудри. Црно-белите слики на Смртта и на Витезот, кој по долги години се враќа од крстоносните војни во својата земја опустошена од чума, овие неверојатни слики покрај воденото пространство додека Антониус Блок и Смртта играат шах, се претворија во алтер его, не само на Фон Сидов, туку и на Бергман. „Зошто си толку самоуверен“, му вели Смртта на Витезот, кој одговара дека неговото тело се плаши, но не и тој, дека всушност нивната игра го забавува, сè додека го чека она замислено откровение.

IMDB

„Седмиот печат“ (1957), како што велат многумина, успеа да го смени курсот на кинематографијата, а Фон Сидов и Бергман да ги претстави како оние вечни трагачи низ времето, кои неуморно ја бараат суштината, ги бараат одговорите, ја бараат смислата. А така и ќе продолжи во уште многу бесмртни дела, меѓу кои се: „На прагот на животот“ (1958), каде што Фон Сидов е иден татко кој не сака да има дете, во „Лице“ (1958), каде што патувачкиот маѓионичар ги предизвикува и збунува разумните, потоа „Низ темното огледало“ (1960), во кој ја испитува темата на инцестот, во „Девствен извор“ (1959), во кој еден средновековен селанец се одмаздува за својата ќерка, во „Срамота“ (1968), каде што зборува за човечкото самоуништување или „Зимската светлина“ (1962) во која пасторот ќе се посомнева во својата вера. Макс фон Сидов во меѓувреме играше и во театарот, а во 1965 година го имаше своето деби во Холивуд, но она што е интересно е дека набрзо се враќа во Шведска незадоволен од улогите што ги добивал таму. Тогаш продолжува и неговата соработка со Бергман, но и со Јан Троел и Данецот Бил Огист, чиј филм всушност и ќе му ја донесе првата номинација за „Оскар“.

принтскрин

Но, да се вратиме на „изворот“. Макс фон Сидов е роден на 10 април 1929 година во универзитетскиот град Лунд во Шведска, како Карл Адолф фон Сидов. Неговиот татко бил професот по етнологија, а неговата мајка била баронеса. Неговото потекло оди до германските корени и пруското благородништво. Тој пораснал со многу приказни, како што вели, но поинакви, бидејќи татко му се занимавал со фолклор и уживал во раскажување на народните приказни, на обичаите и преданијата. Неговите родители не сакале да биде актер, во Шведска во нивното окружение се сметало дека на луѓето од театарот не треба да им се верува, но желбата на синот била посилна. Се школувал во Кралскиот дармски театар во Стокхолм, а на филмот дебитира уште како студент во 1949 година, но првата позабележителна улога ќе ја оствари во 1951 година во Стриндберговата „Госпоѓица Јулија“ во режија на Алф Сјоберг. Во Шведска ќе игра во повеќе театри и веќе во 1954 ќе ја добие шведската награда за култура, но меѓународната кариера ќе започне со „Седмиот печат“ и со неговото познанство со Ингмар Бергман во театарот во Малме.

Макс фон Сидов не сакал никакви типизирани ликови, ниту пак сакал да оди на сигурно, напротив, отескогаш сакал да испробува нови работи и да го прави тоа што не го правел претходно. За него биле предизвик сите тие странски продукции и тој навистина ќе игра секаде, во Шведска, во Европа, во Холивуд, а покрај шведскиот, течно зборува и англиски, и француски и италијански, иако играл и во норвешки, дански и шпански филмови. Во неговото холивудско деби „Најголема приказна кога било раскажана“ на Џорџ Стивенс ќе го игра Исус. Тоа ќе биде многу сериозен, престижен проект, визуелно раскошен, но нема да постигне успех. За него, како што вели, тоа била една од најтешките улоги.

„Се чувствував како во затвор, бидејќи сите очекуваа така и да се однесувам, постојано морав да ја следам таа слика во јавноста. Кога ја завршив улогата имав чувство како да сум пуштен на условно. Отидов во Шведска и ми требаа шест месеци да се вратам во нормала“, изјавува Фон Сидов. Но, нема да може лесно да побегне од тие улоги, дури многумина така и го гледале, како специјализиран за авторитетни улоги, како крал, папа, пророк, мудрец, тиранин, владетел, го играл и господ и ѓаволот, играл свештеник, капетан, оној кој ја носи силата, моќта, карактерот. За него англискиот режисер Едгар Рајт, по повод неговата смрт, ќе рече: „Со Бергман го променија лицето на светската кинематографија. Го глумеше Исус, го глумеше ѓаволот и ја заслужи номинацијата за ‘Оскар’ за улогата во која не прозборе ни збор – Господ“.

принтскрин

Интересно е дека првата номинација за „Оскар“ за главна улога нема да биде за филм на Бергман, туку филмот „Пеле освојувач“ на Бил Огист од 1987, каде што игра Швеѓанин кој емигрира во Данска, за да обезбеди подобар живот за себе и за синот. Инаку, тоа е филм кој за првпат на Данска ќе и го донесе „Оскарот“ за странски филм, а ќе ја освои и „Златната палма“. Интересно е дека оваа улога ќе се најде на 57. место на листата на 100 најголеми улоги на сите времиња на магазинот „Премиер“ во 2006 година. Втората номинација за „Оскар“ ја добива во 2011 година за споредната улога во филмот на Стивен Далдри, „Екстремно гласно и неверојатно блиску“, за неговата извонредна улога на немиот Рентер, кој со својата „тивка ненаметливост“ ќе му помогне на детето во откривањето на мистеријата за клучот, зад кој се крие приказната за осаменоста и за болката. „Оскар“ нема да добие, но ќе биде награден во Венеција за улогата во „Орелски лет“ на уште еден шведски режисер, Јан Троел, во вистинската приказна за трагичната шведска експедиција на Северниот пол во 1897 под водство на Аугуст Андре, кого го игра Фон Сидов.

Вториот филм по кој најмногу се памети Макс фон Сидов или најпознатиот негов холивудски филм е, секако, култниот хорор „Егзорцист“ или „Истерувач на ѓаволот“ (1973) на Вилијам Фридкин, во кој ја игра улогата на отец Мерин. Таа улога се претвори во една од неговите најамблематични ролји, што е можеби и најдобар пример за тоа каков актер беше Макс фон Сидов, бидејќи само тој и неговата појава можеа во една ваква улога да донесат таква тежина. Секако, дека ова е одличен и многу ефектен хорор, но сигурно дека не би бил ист ниту без Макс фон Сидов, но ни без Елен Берстин и младата Линда Блер. Фон Сидов ја повтори улогата на отец Мерин и во вториот дел „Егзорцист: Еретик“ во 1977 година, кога режијата ја потпишува Џон Бурман.
Играше Макс фон Сидов со уште многу познати режисери, како Сидни Полак и неговиот голем хит „Трите дена на кондорот“ со Роберт Редфорд и Феј Данавеј, потоа во „Висока мета“ на Џон Хоф, трилер за атентатот на генерал Патон, во кој играа и: Џон Касаветис, Џорџ Кенеди, Роберт Вон, Софија Лорен, па во „Ноќен посетител“ на Ласло Бенедек, со Тревор Хауард и Лив Улман, во „Директен пренос на смртта“ на Бертран Таверние, со Роми Шнајдер, Харви Кајтел, Хари Дин Стентон, во „Победа“ на Џон Хјустон, со Мајкл Кеин, но и исклучителната драма на Андреј Кончаловски „Дует за еден“, номинирана за „Златен глобус“, со Џули Ендрјус и Ален Бејтс.
Тој е единствениот скандинавски актер од тој ранг на светска ѕвезда и единствениот актер од Шведска кој имал номинација за „Оскар“. Жени имало повеќе, како: Грета Гарбо, Ингрид Бергман, Ен Маргарет, Лена Олин и Алисија Викандер, но како машки актер, тој е единствен. Има уште многу култни наслови, како: „Хана и нејзините сестри“ на Вуди Ален, „До крајот на светот“ на Вим Вендерс, „Малцински извештај“ на Стивен Спилберг, „Островот Шатер“ на Мартин Скорсезе. Играше и во многу спектакли и блокбастери, како: „Војна на ѕвездите: Силата се буди“, и тоа како троокиот гавран, потоа во научнофантастичниот „Дина“ на Дејвид Линч, го играше кралот Минг во „Флаш Гордон“, а се појавува и во „Конан варваринот“, како и во еден од филмовите за Џемс Бонд, „Никогаш не вели никогаш“. Го паметиме и во „Патувањето на проколнатите“ на Стјуарт Розенберг, како капетанот кој се жртвува да ги спаси луѓето на бродот, го паметиме и како Кнут Хамсун и како Хари Хелер во „Степскиот вилк“. Таква неверојатна палета на улоги и брилијантна кариера која траеше до самиот крај.

За тоа каква појава беше овој скандинавски актер можеби многу добро зборува и начинот на кој го земал името Макс. Имено, додека бил во војска извел еден скеч во кој бил болва која се викала Макс. Меѓутоа критичарите по грешка ќе го наречат него Макс и така и ќе остане. Тој беше навистина единствен во сè, немаше никаква суета за тоа дали ќе биде наратор, дали ќе позајмува глас во видео-игри, дали ќе игра негативец и дали тоа ќе бидат акции, хорори, блокбастери или драми што се занимаваат со филозофски прашања. Зборуваше како од Бергман научил дека класичните ликови што ги игра не треба да ги сфаќа премногу сериозно. Всушност, имаше голема смисла за хумор, и она што навистина е важно е дека не го сфаќаше сето тоа премногу сериозно воопшто и затоа и можеше да биде толку вистинит, толку целосен, а толку едноставен.

Често зборуваше колку е тешко ако сте ѕвезда во Холивуд, дека вредите онолку колку што вреди вашиот последен филм. Додека, во Шведска не е така, таму може проектот и да не ви е успешен, но повторно да го оправдате ако носи уметничка тежина и амбиции. Но, како што раскажуваше во Шведска таа професија и не се сметала за толку угледна, а и таму го нема оној притисок на ѕвезда што го има во Холивуд. Освен тоа, Макс фон Сидов живееше со француската режисерка Катрин Брелат во Прованса и очигледно умееше да направи разлика меѓу стварноста и фантазијата, меѓу реалното и замисленото. Можеби затоа и толку траеше, затоа и можеше така лесно да ги прави тие несфатливи трансформации. Интересна е неговата изјава за Гари Купер, за кој вели дека можеби не бил одличен актер, но имал голема присутност. Во неговиот случај, тој беше и голем актер, а имаше и тоа како голема присутност, па дури и сеприсутност. Понекогаш тоа и не е негативно, особено ако знаете како да го држите кормилото и да не го заборавате правецот, а особено не границите.

Сунчица Уневска/Филм+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот