Макрон во прегратките на Трамп и Путин

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Геополитичкиот „земјотрес“ што го предизвика интервјуто на Емануел Макрон за лондонски „Економист“ („мозочна смрт на НАТО“, „Европа на работ од амбис“ итн.) додаваат „трамповско“ масло на оганот којшто беснее во меѓународниот мултилатерален поредок. Анализите за тоа дали е Макрон мудар пророк или уште еден неконтролибилен политички кловн на лабилната меѓународна сцена веќе од вчера забрзано се прават во сите помали и поголеми центри на моќ во светот.

За ниту една, точна или неточна, оценка изречени во интервјуто на Макрон (и за НАТО и за ЕУ и за САД и за Босна и за Турција и за Сирија…), Франција не може да се смета за „невина млада невеста“, а Макрон да се прогласи за „Далај Лама“ на мултилатерализмот. Напротив – последен пример би можела да биде Либија и тамошниот хаос потпомогнат и од самата Франција.

Можеби затоа, на ваквата дрска провокација на Макрон – едно време, според тезите и квалификациите, си помислив да не читам уште едно фриволно интервју на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ?! Ама не… – веднаш со голема критичност, иако сосема затечени, остро реагираа сите релевантни западни центри на моќ. Според тие реакции, да немате сомневање, од вчера започнува нова геополитичка стварност за Европа, па и за НАТО, на неколку недели пред лондонската прослава за 70-годишнината од основањето на Алијансата. Последиците од тоа се непредвидливи и многу загрижувачки. Би требало Трамп и Путин веќе да испратиле до Париз телеграми со честитки за интервјуто на францускиот претседател. Сепак, може ли тоа да му служи на чест на Макрон?

Но, на страна глобалните импликации, да видиме, набрзина, каде сме ние во однос на овие ставови на Макрон…

Прво, станува јасно дека скандалот со француското вето за нас на самитот на ЕУ во Брисел, како и последователните контрадикторни изјави на Макрон за Балканот (и во „Економист“ на оваа тема продолжува таа конфузија) не се случајни, ниту резултат на моментен каприц, туку планиран потег од една, се чини, поголема француска игра. Голема поволност е тоа што Пендаровски наскоро ќе се види со Макрон во Париз, па ќе можеме од прва рака да дознаеме што му е, всушност, намерата на францускиот претседател кон Македонија.

Второ, викендов во Охрид треба да се случи македонско-српско-албанска средба на врвот со која ќе се продолжи нејасната иницијатива за создавање на некаков „мал Шенген“ за Западниот Балкан. Но, особено после ова интервју на Макрон, најдобро би било во Охрид Заев да си ги дочека Вучиќ и Рама на највисоко гостопримливо ниво, да се потрудиме да не се погрешат државните знамиња, да се изедат тоа рибите и макалата како што е планирано – и да си заминат сите по дома, без никаков суштински договор!

Бидејќи, гледајте, самиот голем ентузијазам на Вучиќ за таа идеја, во моментот кога Русија распоредува ракетни системи недалеку од македонско-српската граница – за што Американците најавуваат остри економски санкции против Белград – е сомнителен сам по себе. Оти, реално, ставот на Србија кон државноста на Македонија и денеска не е суштински многу поразличен од онаа мешавина на шешељовско-милошевиќевска, национал-социјалистичка политика што го следи српскиот регионален пристап уште деведесеттите, и после три изгубени, трагични балкански војни и едно уште потрагично бомбардирање на западната Алијанса на тогашната српско-црногорска федерација.

Патем, овој „малиов Шенген“ неодоливо ме потсетува на една квазимодо-југословенска идеја која по распадот на Југославија овде силно ја промовираше Срѓан Керим, со нагласена француско-српска поддршка. Дури и кај Глигоров во тоа време таквата упорност создаде одредени забуни. Баш ме интересира кои се структурите околу Заев кои денеска него го „грејат“ за сличнава идеја? (Ме лаже сеќавањето или имаше некаква апокрифна средба на Заев со Керим неодамна во САД…?)

Конечно, сега сме во состојба со многу поголема загриженост да ги следиме контактите и потезите на францускиот амбасадор во Скопје и неговата нескриенo голема поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, паралелно со наглото, повторно будење на руско-српските структури во и околу оваа партија. Убеден сум дека Мицковски и самиот врв на партијата, без разлика што мислиме за нивниот политички капацитет, со тој „оган“ нема лекомислено да си играат. Впрочем, за нив би требало да е доволен проблем и тоа што автократските „близнаци“ Орбан и Ердоган некни уште повеќе, со гушкање, билатерално се збратимија, со оглед на целата вмровско-унгарска сага и нејзините политички, финансиски и кадровски импликации во водењето на опозицијата.

Со други зборови, кога и еден француски претседател ќе почне за регионални и глобални стратегиски прашања да зборува со речникот на кафеанските „стратези“, не е лошо и ние овдека да видиме дали кристалот ни е стабилно разместен по витрините…

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот