Макрон се буди

Profimedia

Францускиот претседател Емануел Макрон, по неразумното спречување на Македонија за отпочување на пристапните преговори со ЕУ, безмалку стана неомилена личност во земјава. Со тоа тој следствено го стави под мраз и кредибилитетот на француската држава во целина. Токму спротивно од она што Макрон сака да направи од неа, влијателна и респектибилна земја во рамките на ЕУ, но секако и на Балканот.

Веројатно под силен притисок на останатите лидери на земјите членки, но се чини и на домашната јавност, заради подобрување на својот имиџ, но и на Франција, како претходница ја испрати сенаторката Елен Конве-Муре во посета на нашава земја, а еве веднаш потоа се согласи и на средба во Париз со македонскиот претседател, Стево Пендаровски.

Од формален дипломатски аспект тоа секако е добра можност директно да се слушнат причините за француското вето на земјава во нејзините европски перспективи. Иако, не е за очекување дека на таа средба ќе има промена на ставот на Макрон од последниот европски самит.

Со овој гест најверојатно Макрон ќе сака само дипломатски да се оправда за постапките со кои одбиваше било каква средба со премиерот Зоран Заев, но и со оценките со кои ја одби Македонија од нејзината европска перспектива третирајќи ја географски како европска држава која треба да биде само добар сосед на елитниот европски клуб на држави. Но, дека Макрон веднаш ќе го смени ставот по однос на проширувањето, е тешко веројатно. Надежта велат последна умира па така очекуваме дека и нашиот претседател ќе има што да му каже на претседателот Макрон.

Од друга страна, кај францускиот претседател веројатно се разбудила и свеста дека со оттурнувањето на балканските земји далеку од себе нема да ја оствари целта што си ја зацрта, а тоа е поголемо присуство економско, но и политичко, на неговата земја на Западен Балкан.

Но тоа не е „реверзибилно“ како што од нас бара Франција во однос на пристапните преговори. Затоа што економската соработка, иако се мисли дека е мала, не е незначителна. Трговската размена во 2018 година била 140 милиони евра, а ДСИ речиси секоја година се меѓу 40, 50 па 100 милиони евра во изминатиов десетгодишен период.

Како што вели амбасадорот Тимоние, Франција моментално е ангажирана за завршување на физибилити-студијата за изградба на колектор за отпадни води во Скопје, за чија изведба ќе се распише меѓународен повик. Дали француска компанија ќе го добие тендерот не се знае, но се знае дека француската компанија NGE ќе го поставува колекторот и ќе и требаат соработници, информирал Тимоние на средба со турски бизнисмени со кои договараат заедничка соработка во Македонија.

Она што е загадочно во геополитичкото однесување на Франција е што наспроти укажувањата на колегите од ЕУ дека оставањето на земјите од Западен Балкан без извесна европска перспектива ќе отвори простор за влијанија на трети земји како Русија, Кина и Турција, Макрон како економски да се „вози“ токму на овие земји.

Но, нереверзибилноста за која говоревме погоре е што Македонија нема „политичка“ размена, туку таа е еднонасочна. Франција сега бара докази за политичка коректност и исполнување на „европски“ стандарди не само кон ЕУ, туку кон нив посебно. Тоа што сме го докажале досега кон сите институции на Унијата за неа се недоволни и бара унилатерелни показатели за македонско демократско напредување.

Македонија веројатно ќе биде во ситуација „земи или остави“ и веројатно ќе земе се што ќе и се понуди. Зашто, како што велат нашите „политици“ друга, подобра алтернатива немаме.
А

на крајот на краиштата од таквите докази бенефит ќе имаме ние, граѓаните на МКД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот