Макрон ја дигна рампата и Бугарија нацрта решение

Зоран Заев и Емануел Макрон / EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Премиерот Заев придружуван од дипломатскиот двоец Османи-Димитров утре одат во Софија на средби со претседателот Радев и техничкиот премиер Јанев. Според изјавата на премиерот Заев јавноста не треба премногу да очекува од оваа средба со оглед дека во Бугарија нема собрание и со земјата владее техничка влада, но во исто време кажа и што може да се очекува во моментов.

Сегашното решение на спорот е претседателот Радев и техничката влада да го прифатат португалскиот предлог или некоја негова модификација и формално да дадат одобрение Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Но конечно одобрување на таа одлука треба да направи избраната влада на Бугарија и нејзиното собрание после изборите на 11 Јули. Секако за да се исполни овој план потребно е овој пат Бугарија да добие влада и собрание и силите во тие избрани состави треба да гледаат поволно на евентуалното одобрување од сегашниот бугарски државен врв. Со оглед дека партијата на Слави Димитров е непознаница во однос на спорот со Македонија се чини дека за македонските евроинтеграции во моментов подобро решение е Бојко Борисов, кој парадоксално е човекот кој ја наметна блокада и сега истиот е најдобро решение за истата да се тргне. Навидум чудната логика има објаснување кое е поврзано со геополитичката борба на големите сили, во која сега Борисов се обидува да исплива од бетонските чевли кои го влечат на дното. Во исто време евентуално бугарско одобрување на почеток на преговори за земјава во Септември ќе биде подобро решение и за Заев пред локалните избори во Октомври.

Две пресудни работи се случија поради кои Бугарија омекна кон португалскиот предлог, едната е примарна друга е секундарна причина. Главен фактор за спуштање на рачната кочница за Македонија кон ЕУ е секако Вашингтон. Американците се вклучија на голема врата во спорот со Бугарија и зачукаа на вратата на Париз и Берлин подсетувајќи ги дека Преспанскиот договор е направен и потпишан за стабилизација на јужното крило на НАТО и дека никакви ситно политикански политики, или религиозни и етнички предрасуди на европската буржоазија во моментов не се толку важни како борбата за превласт над Балканот со Русија и Кина. Така доаѓаме до вториот фактор во стратегијата и ненадејната посета на премиерот Заев на францускиот претседател Макрон. Јасно е дека Бугарите не беа страна која треба да се убеди туку французите и во таа насока очигледно е дека американскиот претседател Бајден бил многу поуспешен од домашните политичари на кои Макрон им кажувал дека не верува во нивните аргументи. Јасната порака на Макрон дека Македонија заслужува да почне преговори сега и неговата додатна реафирмација дека лично ќе се вклучи во помагањето да се надмине спорот со Бугарија ја дигнаа спуштената рампа од Париз.

Последните изјави на бугарскиот претседател Радев и премиерот Јанев јасно укажуваат дека Софија барем сега ја напушти тврдата реторика од последните месеци и праќа помирливи и конструктивни сигнали кон соседот. Последната изјава на Бојко Борисов во која тој ги повикува Бугарите да се стават на местото на Македонците и да се запрашаат како е да те блокира соседот е последна во низата на изјави кои укажуваат дека екс премиерот на Бугарија подготвува терен за некакво решение. Борисов додава и дека проблемот со историјата треба да се остави на историчарите што е идентичен став со ставот на македонскиот државен врв и преставува една од формулите за решавање на македонско-бугарскиот спор. Борисов сега се обидува да се факторизира за работата која сам ја постави како проблем, неверојатно но тоа е стратегија која потсетува на класичен мафијашки рекет. Кога бандитите сакаат да рекетираат некој локал тие прво го кршат па доаѓаат и нудат заштита, и се чини дека минатото на Борисов од неговите денови како бодигард на Тодор Живков останале силно врежани во неговиот менталитет. Сега екс бугарскиот премиер им се нуди на американците на тацна како човек кој е решение за нивниот проблем. Тоа Борисов го прави после американските санкции кои ги таргетираа луѓето и фирмите кои се поврзани со највисоките слоеви на бугарската корупција, после неговото признавање дека му се подготвува апсење, после “стегањето” на бугарските турци од страна на Ердоган и пред следниот удар кој би дошол од Вашингтон а кој сигурно ќе биде поболен од претходните. Ветувањето кое Борисов му го дал на премиерот Заев, дека тој ќе заврши работа околу спорот кога ќе состави влада сега е надополнето и со печат од Вашингтон. Но Борисов не е ниту глупав ниту луд, и сигурно нема да ја направи истата грешка како Груевски и сега бугарскиот моќник ќе заигра според нотите кои се нудат а кои во исто време му нудат и излез од лошата политичка но и правна ситуација.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот