Макрон ги „здрви“ НАТО и ЕУ, но малку омекна за Македонија

Фото: EPA-EFE/JASON LEE

Францускиот претседател Емануел Макрон полека го менува ставот во однос на почетокот на преговорите со Македонија и со Албанија, но под услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи и да се реформира преговарачката методологија на Европската Унија. Во подолгото интервју за британскиот неделник „Економист“, кое предизвика огромно внимание во светски рамки, и предизвика серија реакции, Макрон зборува и за проширувањето на ЕУ и блокадата за Македонија.

Тој нагласува дека е подготвен да даде зелено светло за Македонија ако истовремено започне и спроведувањето на реформите во Унијата.

Макрон исто така откри дека на самитот во Брисел имало и други земји-членки што се криеле зад француското вето, а всушност биле за отпочнување преговори со Македонија, но не и со Албанија.
Францускиот шеф на државата имаше и една „апокалиптична“ изјава со која ги потресе поголемиот дел од земјите од најстариот континент. Имено, тој рече дека НАТО се наоѓа на смртна постела, дека Европа е на работ на амбис, но и дека Босна и Херцеговина претставува „темпирана бомба“ и е најголем проблем за Европа поради џихадистите повратници.

Паралелен процес

Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, тогаш и јас ќе бидам подготвен да ги поддржам преговорите со земјите кандидати за членство во Унијата, истакна францускиот претседател Емануел Макрон.

– Секако, нам ни преостанува да ја спроведеме новата методологија во Европската Унија, а на земјите-кандидати им преостанува да направат дополнителни напори за исполнување на условите. Но, потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство сè додека не ја реформираме Унијата. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен – нагласува Макрон во интервјуто за „Економист“, кое е направено на 21 октомври, а објавено завчера.

Во него, тој меѓу другото вели дека зелено светло за почеток на преговори на самитот во Брисел имало само за Северна Македонија, но не и за Албанија.

– Прашајте ги останатите земји-членки на ЕУ дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го смени името и тоа е навистина историско постигнување. Таа земја не ги плаши луѓето. Но, реалноста е дека доколку не отворите преговори и со Албанија, тогаш создавате ужасна траума во регионот. Албанските заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот – вели Макрон.

Во однос на натамошното проширување, познат е неговиот став: прво реформи во Унијата, а потоа ширење на европското семејство.

– Не знаеме како да функционираме со 27 членки. Мислите дека ќе функционираме подобро со 30 или со 32? А тие ми велат ако ги отвориме сега, тоа ќе трае 10 до 15 години. Дури и да ги отвориме преговорите сега, нема да успееме да ја реформираме Унијата ако продолжиме да работиме со иста брзина – додаде Макрон.

Тој потенцира дека се залага за идејата за кохерентна, поинтегрирана и силна Европа.

Во врска со тезите дека неотворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе ги зголеми другите влијанија во регионот, како руското, кинеското, турското, Макрон нагласува дека тие влијанија постојат и се развиваат дури и во земји кои преговараат за членство во ЕУ, па дури и во држави членки, мислејќи веројатно на Србија и Унгарија.

Две француски дијагнози

„НАТО се наоѓа на смртна постела, а Европа е на работ на амбис“, рече францускиот претседател Макрон. Тој ги предупреди европските земји-членки на Алијансата дека веќе не можат да се потпираат на САД, односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на Алијансата.

– Тоа низ што во моментов минуваме може да се опише како мозочна смрт на НАТО. Европа се наоѓа на работ на амбис и таа мора да почне стратешки да размислува за самата себе како за геополитичка сила. Во спротивно, Европа веќе нема да ја контролира сопствената судбина – рече шефот на француската држава.

Макрон смета дека Америка и Европа досега делеле заеднички интереси, како и дека тој неуморно се трудел да ги одржи добрите односи со американскиот претседател Доналд Трамп. Но, сега смета оти САД за првпат имаат претседател кој „не ја дели нашата идеја за европски проект“ и дека, дури и во случај Трамп да не победи на следните избори, историските текови го направиле своето и ги раздвоиле старите сојузници.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео и германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ја истакнаа важноста на НАТО откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека недостигот на лидерство во САД е причина за „мозочната смрт“ на Алијансата.

– Мислам дека НАТО сè уште е клучен, историски и можеби еден од најважните стратешки партнери во запишаната историја – рече Помпео.

Мас истакна дека не верува во „мозочната смрт“ на НАТО.
– Цврсто верувам во меѓународната соработка – додаде тој.

И германската канцеларка Ангела Меркел посочи дека такви коментари од Макрон не се потребни.
– Не мислам дека вакви оценки се неопходни, па дури и ако имаме проблеми. Треба да сме сплотени – потенцираше Меркел.

Од друга страна, пак, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека изјавата на Макрон одлично ја одразува вистината.
– Сè што кажа Макрон е точно. Изјавата ја одразува вистината. Тоа е јасна дефиниција на сегашната состојба на НАТО – оцени Захарова.

Малески: Макрон е навистина загрижен човек

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, вели дека од интервјуто на францускиот претседател Емануел Макрон може да се забележи дека станува збор за исклучително загрижен човек.

– Сметам дека Макрон е искрено загрижен за состојбите во ЕУ за односите со САД кои се рефлектираат врз НАТО. Тој се обидува да нè поттикне на размислување и на барање излез од ситуацијата. Тоа се зборови на загрижен човек, кој е на чело на држава одговорна за здравјето и за просперитетот на ЕУ, но и е важен фактор во Алијансата. Ние гледаме на Унијата како на мировен план и очекуваме тој план да се прошири и во регионот каде што живееме. Очекуваме преку ширење на европското семејство да добиеме шанса заедно со тие држави да работиме на реализација на идејата за обединета Европа. И двете страни си имаат свои аргументи, но сега дипломатијата би требало да најде начин како да ги доближи тие две ситуации – објаснува Малески.

Кога станува збор за нашата земја, додава тој, Макрон очигледно не очекувал да се појави толку силен притисок по неговото затворање на вратите на ЕУ за Македонија.

– Можно е францускиот претседател да е загрижен за тоа дека неговиот потег би можел да растури една политичка композиција направена околу Преспанскиот договор. Оттука доаѓа тоа негово ретерирање дека во наредните месеци би можело да се најде решение за почеток на преговорите паралелно со реформите во Унијата – објаснува Малески.

Пендаровски: Менувајте ја методологијата, но кажете ни го датумот

Деценија и половина ние сме подготвени со сите тимови, во сите 35 поглавја, да се справиме со сите принципи и стандарди на Европската унија, изјави претседателот Стево Пендаровски, кој следната недела треба да се сретне со Макрон на Парискиот мировен Форум.

Тој истакна дека методологијата може да започне да се спроведува, но паралелно треба да се знае и кога земјава ќе го започне процесот за членство во Унијата.

– Од наша страна, јас имам намера да кажам дека нашата позиција е оти немаме никаква резерва кон најавената нова методологија. Нека биде и петпати посилна и потемелна. Ние сме подготвени да влеземе во таков тип преговори и воопшто немаме никаква резерва кон евентуална реверзибилност на процесот – изјави Пендаровски.

Да нема илузии, истакна тој, дека постои човек на светот што ќе оди и ќе го разубедува францускиот претседател да ни даде датум за преговори.

– Ние сме мала држава, имаме силни аргументи кои ќе бидат кажани на таа средба, меѓутоа да не одиме со преголеми очекувања, затоа што ниту Америка, ниту Германија, никој и никогаш не може да го убедува претседателот на Франција – изјави Пендаровски.

Јовиќ: Јасна е целта на Франција

Хрватскиот угледен политиколог Дејан Јовиќ смета дека преку ваквите изјави францускиот претседател Емануел Макрон сака да се позиционира за главен лидер во Европа, особено по очекувањата за повлекување на германската канцеларка Ангела Меркел.

– Во тој контекст ја гледам и француската одлука да го блокира пристапот на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија, бидејќи на тој начин Макрон сака да се промовира за многу важен фактор во европското семејство. Што се однесува до самата содржина на неговата изјава, одамна постои идејата ЕУ да се еманципира од САД. Всушност, тоа е нејзина должност уште од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година и распадот на Варшавскиот блок. Досега веќе се случи еден таков процес на еманципација од Советскиот Сојуз, но никогаш не сме имале сличен процес кога се работи за Америка – вели Јовиќ.

Курц: Апсолутно е погрешна одлуката на Макрон

Лидерот на Народната партија на Австрија, Себастијан Курц, ја критикуваше „западната ароганција“ кон Источна Европа, оценувајќи го тоа како опасен развој на настаните. Тој ја окарактеризира како „апсолутно погрешна одлуката“ за одбивање почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

Во интервју за германскиот „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, Курц предупреди на опасноста од продлабочување на јазот меѓу источна и западна Европа.

– Делумно присутната западна ароганција придонесува за јакнење на негативните чувства на истокот на Европа, а последица на тоа е што населението од Западна Европа на граѓаните од источниот дел гледаат од висина – појасни поранешниот австриски премиер.

Притоа тој го потенцираше постоењето на двоен аршин.

– Неодамна се одлучуваше за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Северна Македонија и други држави навистина вложија големи напори во спроведувањето реформи и заслужија европска перспектива. Треба да сме внимателни, за да не ги изгубиме, па тие да се свртат кон Турција, Русија и Кина. Државите што овој пат беа „против“, сигурно не беа „антиевропски ориентирани Источноевропејци – потенцираше Курц.

Тој, воедно, изрази надеж дека одлуката за неотворање преговори со Северна Македонија и Албанија ќе се смени што е можно поскоро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот