Макрон ги снимаше разговорите со Путин пред и по инвазијата врз Украина: Зеленски ве лаже!

Разговор Путин и Макрон/ Фото EPA-EFE/Michel Euler /

Само четири дена пред инвазијата на Украина, расположениот Владимир Путин му рекол на францускиот претседател Емануел Макрон дека повеќе би сакал да „игра хокеј на мраз“ отколку да одржи состанок со Џо Бајден за да разговара за ситуацијата во Украина и можеби да спречи војна.

Зборовите на рускиот претседател се слушаат на крајот од напнатиот и често надреален деветминутен разговор со Макрон, кој во четврток ќе биде прикажан во документарен филм на главниот државен ТВ канал „Франс 2“, пишува британски Телеграф.

Според емисијата „C A Vous“ што ја емитува телевизискиот канал Франс 5, во која беа прикажани првите исечоци од разговорот, документарецот ќе го емитува и разговорот меѓу Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон, кој се одржал само два дена пред инвазијата.

Во него Џонсон ја изразува својата резервираност за обидите на Макрон за дијалог со рускиот претседател и вели: „Секогаш кога разговараме со Владимир Путин, имам впечаток дека тој е поагресивен, додека ние звучиме послабо. Тој нема да запре додека не добие што сака“.

Соочен со обвинувања дека е премногу смирен кон Путин, со кого разговарал десетици пати пред и по инвазијата, Макрон очигледно решил дека најдобриот начин да го покаже погледот од негова гледна точка е да ја покани филмската екипа во неговото светилиште. Овој документарец на гледачите ќе им овозможи невидени разговори меѓу светските лидери за војната во Украина, а тоа ќе биде првпат на новинарите да им биде дозволен пристап до Јупитер, нуклеарниот бункер и кризниот команден центар лоциран под Елисејската палата.

Неформален разговор меѓу Путин и Макрон

– Владимир, за почеток, една работа… – се слуша Макрон на почетокот на разговорот на 20 февруари. Но, Путин не сакаше да го слуша.

„Слушај, Емануел…“ го пресече рускиот лидер.

И двајцата државници користеа неформална форма на комуникација, како и на претходните средби.

– Би сакал прво да ми го кажете вашето видување на ситуацијата и можеби сосема искрено, како што секогаш сме имале обичај, да ми кажете кои се вашите намери – се обиде Макрон да создаде атмосфера на доверба.

– Што да кажам? Можете сами да видите што се случува – одговори Путин, обвинувајќи ја Украина за прекршување на договорот од Минск.

Путин потоа го осуди прозападниот украински претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го Киев за набавка на нуклеарно оружје.

– Тоа се глупости – се слушна глас на влијателниот дипломатски советник на господинот Макрон, Емануел Боне.

– Згора на тоа, нашиот драг колега господине Зеленски не прави ништо за спроведување на договорот од Минск. Ве лаже – рече Путин и додаде дека треба да се земат предвид предлозите на проруските сепаратисти во источна Украина.

-Но, не не интересираат предлозите на сепаратистите. Не знам дали вашиот правен советник го знае законот! Што се однесува до мене, јас само ги гледам законите и се обидувам да ги спроведам. Не знам кој правен советник би можел да ти каже дека во суверена земја правни текстови предлагаат сепаратисти, а не демократски избрани власти – му замери Макрон.

– Тоа не е демократски избрана влада. Тие дојдоа на власт преку крвав пуч. Луѓето беа запалени живи. Тоа беше крвопролевање. А Зеленски е еден од виновниците за тоа – одговори Путин.

„Подобро да одам на хокеј“

И покрај тензиите, Макрон продолжи да се обидува да ја игра улогата на посредник, велејќи дека ќе го охрабри Зеленски да ги „смири тензиите“ не само меѓу украинските вооружени сили, туку и на социјалните мрежи.

Фото: ЕПА

– Не наседнувајте на провокации од секаков вид во часовите и деновите што следат – предупреди Макрон.

Повикот завршува со тоа што Макрон му предложи на Путин веднаш да разговара со Џо Бајден, американскиот претседател.

Путин лежерно рече дека прво треба да се подготви за средбата. Потоа, како да се сети на нешто, му одговори на Макрон.

– Да бидам целосно искрен, сега ќе играм хокеј на мраз. Зборувам со тебе од теретана. Морам да се консултирам со моите советници.

– Како и да е, ти благодарам Владимир. Остануваме во контакт. Ако нешто се случи, јавете ми се – рече Макрон.

„Ви благодарам, господине претседателе“, рече Путин, ненадејно зборувајќи на француски.

Макрон повторно разговараше со Путин еден ден подоцна, на 21 февруари. Но, на 24 февруари Русија веќе ја започна инвазијата.

Таа вечер, филмската екипа повторно доби пристап до првиот разговор на Макрон со Зеленски, откако првите руски проектили паднаа врз Киев.

– Тие се во Киев. Руските сили војуваат во Киев – изјави украинскиот претседател.

– Донесоа специјалци и хеликоптери или …? загрижено праша Макрон.

– Да, авиони и хеликоптери, се… Го гледаме тоа преку медиумите, ги гледаме насекаде, ги има многу – одговори неговиот украински колега.

– Дали знаете колку цивили веќе се убиени? прашува Макрон.

„Не знам, илјадници…“, одговара Зеленски.

– А што е со тебе, дали си безбеден? – Макрон прашува заинтересирано.

Мислам дека сум“, му одговори Зеленски на Макрон.

Комуникацијата меѓу Макрон и Путин набрзо се разреди, а францускиот претседател се најде под бран критики затоа што минатата недела отпатува во Киев за да се сретне со Зеленски.

– Не успеавме да го убедиме Путин. Мислев дека преку доверба и интелектуална дискусија можеме да најдеме заедничко решение – изјави Макрон пред неколку дена во Киев.

На прашањето дали мисли дека Путин е опасен човек, францускиот претседател енигматично одговори: „Никогаш нема да ви го кажам моето мислење“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот