Макрон: Да се воспостави дијалог со Русија е во интерес и на ЕУ и на Полска

Фото: EPA-EFE/RADEK PIETRUSZKA

Претседателот на Франција Емануел Макрон денеска во Варшава предупреди дека во интерес на Европската унија и на Полска е да се воспостави дијалог со Русија затоа што, иако овој дијалог е тежок, тој е предуслов за да се оди напред во решавање на кризата во Украина.

– Франција не е проруски глас. Таа не е ниту проруска ниту антируска. Франција е проевропска. Мислам дека кога ја гледаме мапата имаме исто чувство – дека Русија е во Европа, иако не е членка на ЕУ, и е наш сосед. Јас не сум наивен, но свесен сум дека е во наш интерес да се воспостави политички дијалог со Русија затоа што тој дијалог, иако е тежок, е предуслов за напредок во Украина, рече Макрон на заедничката прес-конференција со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Двајцата претседатели изразија уверување дека оваа посета е пресвртница во економската и одбранбената соработка, но и можност да се исклучат сомнежите и недоразбирањата во врска со некои отворени проблеми.

– Во духот на целосна отвореност, во разговорот со претседателот Анджеј Дуда изразив загриженост во врска со реформите во судството што се спроведуваат. Би сакал во наредните недели да видам засилен дијалог со Европската комисија. Полска е длабоко европска земја, а Полјаците се една од најпроевропските нации на континентот. Мислам дека е голема сила и сите треба да ја искористиме, рече Макрон.

Полскиот претседател исто така ги оцени денешните разговори со Макрон како позитивна пресвртница и ја истакна потребата ЕУ по Брегзит повторно да ги подели улогите и да ја „надгради архитектурата на ЕУ”.

– Да се направи тоа како што е најдобро за нашите земји и општества и ЕУ да функционира поефикасно во иднина, да биде атрактивна, да биде Унија од која никој повеќе нема да сака да си замине, затоа што едноставно ќе се исплати да се биде членка на ЕУ, рече Дуда.

Макрон е во дводневна посета на Полска, прва посета на француски претседател на Варшава за седум години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот