Макроекономските проекции на НБ за оваа година упатуваат на инфлација од нула отсто, а пад на економската активност од 3,5 отсто

Анита Ангеловска-Бежоска
Анита Ангеловска-Бежоска / Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Наредната година се очекува постепено закрепнување, под претпоставка дека ќе има стабилизирање на состојбите со корона-кризата во македонската економија, но и погенерално кај нејзините најзначајни трговски партнери, што е особено значајно за извозниот сегмент, вели Гувернерката на НБ, Анита Ангеловска – Бежовска.

Соодветната монетарна политика, загарантираната ценовна стабилност и стабилноста на денарот се и ќе бидат еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија. Подготвеноста на Народната банка соодветно да го користи просторот за делување и во текот на корона-кризата да презема навремени и ефикасни монетарни мерки е од големо значење за ублажување на неповолните ефекти врз реалната економија. Макроекономските проекции на Народната банка за оваа година упатуваат на инфлација од нула отсто, а пад на економската активност од 3,5 отсто, според основното сценарио, додека наредната година се очекува постепено закрепнување, под претпоставка дека ќе има стабилизирање на состојбите со корона-кризата во македонската економија, но и погенерално кај нејзините најзначајни трговски партнери, што е особено значајно за извозниот сегмент.

Ова,како што соопшти Народната банка, се дел од констатациите што беа споделени на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Британија, Рејчел Галовеј, којшто се одржа телеконференциски.

Во дискусијата за мерките што Народната банка ги презеде по отпочнување на корона-кризата, одделно се коментираше за очекуваните ефекти од намалувањето на основната каматна стапка и ослободувањето ликвидност во банкарскиот систем, како и за овозможувањето поповолни услови за отплата на банкарските кредити од страна на кредитокорисниците погодени од кризата и стимулирање натамошно поповолно кредитирање, особено на погодените сектори.

Во тој контекст беше споделено и мислењето дека е исклучително важно што монетарната стратегија на Народната банка е оптимална за македонската економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Искуствата од претходните епизоди на криза потврдуваат дека задржувањето на стабилноста на денарот е клучна за брзото стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти и со тоа за спречување на поголеми негативни ефекти врз реалниот сектор.

Во однос на активностите што се преземаат за поттикнување и поддршка на примената на финансиските технологии, одделно се дискутираше и за активностите на т.н. Порта за иновации – платформата за комуникација на Народната банка со финтек-секторот, којашто интензивно работи и во периодот на корона-кризата, со голема ангажираност на стручен тим од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот