Макрадули ветува нов начин на функционирање на националната Пошта

11 декември 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во 2021 година сакаме да одговориме на предизвиците и барањата на граѓаните преку повеќе дигитални услуги, подобрување на ефикасноста на доставата, зголемување на работното време и начинот на кој ќе бидат отворени шалтерите во Пошта, како и преку брзо започнување со електронска трговија кое е наша голема обврска кон граѓаните, особено во време на Ковид-19, истакна генералниот директор на „Пошта на Северна Македонија” Јани Макрадули во обраќање пред вработените.

Наведе дека е зголемен бројот на испорачани пакети преку Пошта на РСМ во Скопје во текот на минатиот месец, но и оти има пратки што доцнат, што не се испорачуваат, како и дека граѓаните се соочуваат со нељубезен однос и непочитување на работното време од дел од вработените.

– Изминативе триесет дена откако „Пошта на Северна Македонија” целосно се отвори кон медиумите и е постојано присутна на социјалните мрежи, пристигнаа повеќе од 1.000 коментари од страна на граѓаните. Ме радува што две третини се коментари кои ни даваат поддршка и ја гледаат разликата во новата работа, а потврда за тоа е и зголемениот број на испорачани пакети во Скопје во текот на декември 2020 година. Но, мора да покажеме дека можеме да се менуваме!, порача Макрадули.

Тој истакна дека секој со својот личен ангажман и вршење на зададените работни задачи мора да придонесе да се врати Пошта таму кај што припаѓа – меѓу граѓаните.

– Ја враќаме Пошта кон граѓаните бидејќи токму тие ни даваат плата бидејќи избираат да ги користат нашите услуги. Затоа мора да бидеме отворени и одговорни, но и да слушаме и исполнуваме. Сакам да нагласам дека особено ги слушаме критиките. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека, за жал, има пратки што доцнат, пратки што не се испорачуваат, граѓаните се соочуваат со нељубезен однос и непочитување на работното време од дел од вработените!, потенцираше Макрадули.

Затоа, посочи тој, во Пошта секој треба да биде подготвен за пофалби, но првенствено да преземе конкретни решенија за овие критики, почнувајќи од него како генерален директор, членовите на Управниот одбор, па сè до пошторазнесувачот или шалтерскиот работник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот