Макрадули: Не вработуваме нови поштари, туку им ги продолжуваме договорите

Не се отвораат нови работни места, кои би предизвикале дополнителни финансиски трошоци на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, бидејќи во моментов овие позиции ги извршуваат лица на кои им истекуваат договорите за вработување, а кои досега беа склучувани на определено работно време, вели за „Слободен печат“, Јани Макрадули, генерален директор на А.Д. „Пошта на Северна Македонија“.

Тој ги демантира обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека „во Пошта ќе има партиски вработувања“, откако компанијата објави оглас за 280 нови работни места.

-Со цел непречено овозможување на услугите, особено земајќи предвид дека А.Д. „Пошта на Северна Македонија“ е давател на универзална поштенска услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како и дополнителна транспарентност и отвореност, компанијата за овие позиции распишува јавен оглас за работна позиција – пошторазнесувачи, на неопределено работно време, кој е отворен за секој заинтересиран граѓанин. Дополнително, би сакал да истакнам дека овој оглас беше првично распишан во февруари 2020 година, но не е реализиран, следејќи ги насоките и препораките на Антикорупциската комисија, за почитување на законските прописи, како и избегнување на било какво влијание во рамки на изборниот процес – објаснува Макрадули.

Од Пошта, додаваат дека е крајно некоректно на удар на лаги и на неточни информации да бидат изложувани поштарите кои несебично и пожртвувано, се целосно изложени на ризиците кои со себе ги носи ковид-19, изложувајќи го на опасност своето и здравјето на нивните најблиски.

Претходно, најголемата опозициска партија, соопшти дека огласот за вработување на нови 280 нови лица, ќе ја чини државата 1,5 милиони евра годишно, иако „Македонска пошта“ се соочува со превработеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот