Макрадули: Ќе има санкции за оние кои ќе земат субвенции, а ќе продолжат да се греат на дрва

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули/ Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Во согласност со еден од своите врвни програмски приоритети, програмата за намалување на аерозагаденоста, Владата на неколку од своите последни седници донесе низа мерки за поефикасни резлутати во спроведувањето и справувањето со ова прашање, истакна на денешната прес конференција заменикот министер за екологија, Јани Макрадули.

На вчерашната 153. седница е донесена одлука за пренамена на средствата во планот за „Чист воздух“ со цел да се замени системот за затоплување во болницата во Струмица, од нафта да се користи гас, а со тоа се заокружи првиот план за „Чист воздух“ во вредност од 2 милиони евра, посочи Макрадули.

– Според овој план се донесени уште неколку одлуки, па така за замена на опрема за затоплување во неколку градинки, основни и средни училишта, како и здравствени објекти се прифатија апликациите на сите 19 општини кои аплицираа, без разлика дали во општината има мерна станица или не. Во 16 општини ќе бидат поддржани проекти за енергетска ефикасност. Осум општини, вклучувајќи го и Градот Скопје, се определени средства за нови зелени површини. Како амандман на опозицијата обезбедени се средства за прочистувачи во 34 училишта и обезбедени се 30-тина филтри за компаниите, мали по обем во Полошкиот регион.

Дополнително, секоја институција влегува во постака за замена на неефикасните системи за затоплување, како на пример Министерството за внатрешни работи, каде ќе се променат системите во две полициски станици во Струмица и Кочани – рече заменик министерот за екологија.

Тој нагласи дека во општините во Градот Скопје, Тетово, Битола и Кичево ќе стартува доделувањето на субвенции за целосна замена на печките на дрва со енергетски ефикасни инвертер клима уреди. Тоа значи дека граѓаните во овие најзагадени општини ќе добијат можност за 100 процентна поддршка од буџетот за замена на овие печки со инвертер клими.

– Постапката за „прв дојден, прв услужен“ сметаме дека не е фер, па поради тоа мислиме дека приоритет ќе имаат зоните кои имаат највисоки емисии на загаденост во зимскиот период и т.н. ранливи категории на потрошувачи. Во овој момент најважно е да се донесе законско решение во вид на ваучери, со кои граѓаните ќе ја добијат сумата на нивен избор да биде ослободена целата постапка и таму да се интервенира со замена. Одлуката за висината на средствата ќе ја донесат инстутициите во рамките на компанијата ЕЛЕМ, а тоа се очекува да се случи релативно брзо – рече Макрадули.

На прашањето од „Слободен печат“, дали и како ќе се врши контрола на оние кои ќе добијат субценции за замена на печките на дрва со инвертер клими и доколку истите не го почитуваат тоа, дали ќе следат некакви санкции, Макрадули одговори:

– Да, ќе има и казнени мерки. Ќе има контроли од страна на општините, поради тоа што тие ќе бидат носители на мониторингот. Секој кој ќе добие субвенција ќе склучи договор со кој се обврзува дека нема да ја користи печката на дрва, а доколку не се случи тоа, ќе следат санкции. Сепак, најзаинтересирани ќе бидат граѓаните за да ја извршат таа замена, затоа што, ем ќе им биде поевтино, ем нема да ја загадуваат околината околу себе, но и самите себеси.

Во текот на минатата грејна сезона две од мерните станици во Градот Скопје не беа во функција, а станува збор за станиците во Лисиче и Гази Баба, но со почетокот на оваа сезона тие ќе бидат пуштени во употреба.

– Мобилната мерната станица веќе е пренесена во Ѓорче Петров, таа ќе биде во функција оваа сезона. Набавката е завршена за двете споменати станици, а во моментов се калибрираат, па така од оваа сезона ќе имаме податоци и за овие две места, кои според досегашните мерењата се сметаат за места со забележана најголема загаденост – додаде Макрадули.

https://www.slobodenpecat.mk/esm-ke-subvenczionira-po-1-000-evra-za-kupuvane-invertori/

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот